
ЈП Водовод и Канализација – Скопје информира дека ќе реализира стратешка и технички сложена интервенција која претставува клучен чекор во насока на унапредување на водоснабдителниот систем на градот.
„АДКОМ-Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија со особена гордост ги следи активностите на своите членки кои, преку вакви комплексни и визионерски зафати, го подигнуваат квалитетот и сигурноста на јавните услуги за сите граѓани. Монтажата на игличест регулационен вентил и поврзувањето на магистралните цевководи се дел од оперативен план со јасна цел: суштински придобивки за целиот систем и сите граѓани – прецизна регулација на притисокот, подобрен проток, намалени загуби на вода и можност за пофлексибилно справување со идни предизвици во мрежата“, се наведува во соопштението.
Ваквите потфати, велат од АДКОМ, кои бараат прецизност, координација и техничка подготвеност, се резултат на долгогодишна посветеност и експертиза.
ЈП Водовод уште еднаш потврдува дека е лидер во секторот, со капацитет да спроведе активности од највисок степен на одговорност и значење за граѓаните. Проектот подразбира вклучување на голем број стручни тимови и механизација, и се реализира со максимална подготвеност за да се заврши ефикасно и во најкраток можен рок. Оваа активност е дел од поширокиот процес на модернизација на водоснабдителната мрежа – инвестиција во сигурноста, одржливоста и квалитетот на услугите што секојдневно ги користиме“, велат од Водовод.