
Со голем број настани во Турција вчера се одбележа 102-годишнината од прогласувањето на Републиката.
Претседателот на Републиката Реџеп Тајип Ердоган по тој повод вети дека ќе ги заштити единството, независноста и силата на нацијата.
-Работиме со сите наши сили за да ја одржиме Република Турција вечна, рече Ердоган во официјалното соопштение објавено од турското Претседателство.
Опишувајќи ја Републиката како најнов израз на вековната државна традиција изградена преку национално жртвување, тој истакна: „Република Турција е последниот покрив на нашата несебична нација што со сета своја сила се држеше за својата слобода и независност и покрај тешкотиите, лишувањата и борбата во најболните денови од својата историја – последната алка во нашиот синџир на држави.“

-Со милост им оддавам почит на хероите што со векови ги направија овие земји наша татковина со својата крв и своите животи“, додаде Ердоган, оддавајќи им почит на оние што ја обезбедија независноста на Турција.
Претседателот ја истакна решеноста на Турција да им се спротивстави на заканите за социјалната кохезија.
Ердоган посочи на главните развојни и безбедносни цели во рамките на визијата „Столетието на Турција“.
„Во согласност со нашите цели за „Столетието на Турција“, правиме револуционерни чекори во секое поле“, рече тој, потврдувајќи ги напорите кон „Турција без терор каде што нашите 86 милиони луѓе ќе живеат во мир“.
Тој, исто така, ги истакна меѓународната улога и дипломатскиот активизам на Турција, нагласувајќи дека земјата останува посветена на одбраната на правдата во глобалните кризи.
Ердоган повика на колективна решителност во иднина: „Заедно ќе изградиме голема, силна и просперитетна Турција – почитувана во светот и лидер во регионот.“
Претседателот заврши со честитки по повод Денот на Републиката до граѓаните во Турција и во странство: „Нека биде благословена 102. година од нашата Република.“
Националниот празник, Ден на Републиката, се слави на 29 октомври во знак на одбележување на прогласувањето на Република Турција во 1923 година.
Во текот на денот турските знамиња се вееја од домовите, работните места и јавните простори – белег на прославите на Ден на Републиката.
Во текот на вчерашниот ден низ цела Турција се реализираа свечени церемонии, се организираа концерти. Во поголемите градови прославите продолжија со паради и огномети во вечерните часови.
Републиката ја прогласи Мустафа Кемал Ататурк, кој подоцна од Големото национално собрание беше избран за прв претседател на модерна Турција.
Десетици илјади граѓани му оддадоа почит на Таткото на нацијата, како што го нарекуваат Ататурк. Според традиционалните посетители на мавзолејот наречен „Анаткабир“, 2025 година е една од годините кога има најмногу луѓе.
Илјадници луѓе маршираа низ улиците на Анкара за да ја одбележат 102-годишнината од прогласувањето на Република Турција. Еднокилометарскиот марш во центарот на турската престолнина започна од населбата Кизилорда и заврши кај стариот Меџлис, кој сега функционира како музеј. Помина под силно полициско присуство и предизвика запирање на сообраќајот на главните патишта.
Луѓе од сите возрасти дојдоа со знамиња во раце за да му оддадат почит на основачот на Републиката – Ататурк.
Овој ден, како еден од најголемите национални празници на Турција, се одбележува со низа активности низ целата земја, а активности спроведуваат и турските амбасади низ целиот свет.



