
Со доделување на наградите на најдобрите тетарски остварувања и со претставата во чест на нагрдените, „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрлиќ, а во изведба на Београдско драмско позориште синоќа на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенов“ во Прилеп заврши јубилјеното, 60 издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Публиката го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, дојде да им оддаде почит на најдобрите според жири-комисијата, но и да ја проследи претставaтa за коja особено се зборува во изминатите три месеци.
Жири-комисијата во состав Снежана Коневски-Руси, претседател Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ ги оценуваа претставите. Руси синоќа ги соопшти наградените, а уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, им ги врачи.
Според оценките на публиката, со просечна оценка од 4.75, за најдобра претстава беше прогласена „Амадеус“ од Питер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, на Турскиот театар. Тие и минатата година ја добија оваа награда за претставата „Слепци“ на Ќендрим Ријани. Осман Али, директор на Театарот и се заблагодари на прилепската публика.
Наградата за најдобра сценографија ја доби Валентин Светозарев, кој го цитираше Хамлет: -И да ме затворите во ореова лушпа, ќе останам крал во ореова лушпа. Се надевам дека нареден пат нема да бидам во ореова лушпа.
Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја прими Јеткин Сезаир за улогата на Моцарт во „Амадеус“. Тој им се заблагодари на публиката во Прилеп, на фестивалот и жирито, на режисерот Андреј Цветановски што му ја додели улогата и на целиот Турски ансамбл за поддршката. Сара Спиркоска по втор пат ја доби наградата за млада актерка.
-Огромна чест ми е што по втор пат ја добивам оваа награда, овојпат не е потврда само за мојот напредок, ама е потврда и дека сум уште млада. Годинава настапив со три претстави, од вкупно пет колку што ги имав во сезоната. Голем е предизвикот за млад актер, којшто и не е вработен да се задржи активен и да напредува, но се радувам дека постојат луѓе што го ценат и вреднуваат тоа. Наградата ја делам со режисерите Дејан Пројковски, Тамара Стојаноска и Шенај Мандак, кои се дел од мојот пат – рече Спиркоска.
Примајќи ја наградата за машка споредна улога за Симoн во „Мачкина глава“ на Драмски театар, Александар Степанулески ги поздрави актерите што оставија голем печат во македонскиот театар – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко… Слаѓана Вујошевиќ ја доби наградата за главна женска улога за Констанца во „Амадеус“. Таа не можеше лично да ја подигне наградата, но со порака ја поздрави публиката и посебно истакна дека и нејзината улога немала да биде така успешна да не беше нејзиниот колега Јеткин Сезаир.
Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобра машка улога за Фезлиев во „Црнила“ на Прилепскиот театар, која од годинава го носи името на Кирил Ристоски. Тој им се заблагодари на своето семејство, на неговиот втор дом Народниот театар „Војдан Чернодрински“, на своите колеги.
-Постои посебна врска меѓу мене и публиката. Имаме магична публика, ова е сон од кој не сакам да се разбудам, ова е бесценето – рече Ѓорѓиевски.
Примајќи ја наградата за најдобра режија, Дејан Пројковски истакна:
-„Црнила“ ја започнавме по неколку месеци од затврањето на театарот и тоа е една од малите вежби дека е важно и во тешки времиња да не заборавиме дека луѓето се најважни во театарот, се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме во нова зграда на Прилепскиот театар.
Наградата за уметничко остварување на претстава во целина ја доби „Страв и надеж“ во режија на Татјана Ригонат Мандиќ.
Од име на Македонскиот народен театар, наградата ја прими актерот Александар Микиќ. Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е наградена за најдобра споредна женска улога за Марија во „Мачкина глава“, но поради изведба на претстава не можеше да присуствува на церемонијата. Наградата за костимографија ја прими Марија Пупучевска за „Црнила“. Наградата за најдобра музика ја доби Ирена Поповиќ-Драговиќ за „Страв и надеж“. Четири награди годинава не беа доделени – за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и за современ драмски текст.
Фестивалот му ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески, кој четири години посветено го помага фестивалот.
На затворањето на Фестивалот, обраќајќи се пред публиката, директорката Ана Стојаноска се заблагодари на фестивалскиот тим и нагласи дека Фестивалот достоинствено го одбележа 60-годишниот јубилеј.
-Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која и да е групата на која ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката, рече Стојаноска.
Таа се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината.“
Во чест на наградените, публиката во Прилеп, ексклузивно, имаше можност да ја види претставата на Београдско драмско позориште „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлиќ, по најновиот текст на македонскиот драмски автор Дејан Дуковски. Поставувањето на овој текст во Македонија се очекува наесен во МНТ во режија на Слободан Унковски.


