Во недела со почеток во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се изведе премиерата на театарската претстава „Едвард Втори“. Претставата е ко-продукциски проект на Драмскиот театар – Пловдив, Р. Бугарија и театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, Република Северна Македонија и е дел од официјалната програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата се реализира со поддршка на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Соработката меѓу двата театри опфаќа две копродукции.
-Двегодишниот проект опфаќа создавање на две претстави потпишани од значајни европски режисери – „Едвард Втори“, дело на Андриј Жолдак, Украина и перформанс на Дијана Добрева, Бугарија. Двете копродукции ќе бидат проби на сцените на двата театри и ќе бидат придружени со работилници на кои ќе земат учество студенти од Универзитетот „Европа Прима“, информираа од Драмскиот театар – Пловдив.
Инаку, претставата „Едвард Втори“ на Кристофер Марлоу има неколку различни насоки. Главната насока е приказната за „Едвард II“, проследена од „Ричард II“од Шекспир. Темите за кои се зборува се односот татко и син, во отсуство на мајката, потоа мотивите на моќта и луксузот, а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната директност.
„Едвард Втори“ е во режија на Андриј Жолдак од Украина, а драматург е Сашо Димовски од велешкиот театар. Ликот на Едвард Втори го игра актерот од театарот од Пловдив, Борис Крстев.
-Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година, истакна режисерот Жолдак.
Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години.