Утрински Весник
Култура

Во Кинотека филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи

Во Кинотека филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи

На 20 октомври во четврток, со почеток во 20:00 ч., во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи, по повод 15 години од неговата премиера.

dobivaj vesti na viber

Кога во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, премиерно беше прикажан дебитантскиот долгометражен игран филм „Превртено“ (Upside Down) на Игор Иванов-Изи, каде што овој филм беше во конкуренција за наградата „East of West Award“; тој момент беше и своевидна потврда за сета претходна работа на овој наш филмски автор. Иванов тогаш, не некој начин – ја „завери“ таа потврда, кога со неговиот филм „Превртено“, малку подоцна, ја освои Наградата за најдобра режија, на фестивалот во Валенсија (Шпанија) – Mostra de València-Cinema del Mediterrani; потоа, Иванов, таа нагорна линија ја продолжи и со неговите подоцнежни остварувања – пред сè, со долгометражните играни наслови СОБА СО ПИЈАНО (2013) и ХОМО (2020), потоа со долгометражниот документарен КОБРА (2018), како и со ангажманот како режисер/креативен директор во ТВ сериите ПРЕСПАВ, ИНСАЈДЕР, СЕНКИ НА БАЛКАНОТ (една епизода од првата сезона). Денес, Иванов е веќе едно од водечките режисерски имиња на македонската кинематографија, со десетици награди и признанија на светските филмски фестивали.

Превртено ја имаше македонската премиера на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2007 година и е еден од последните македонски играни филмови снимени на 35мм лента. Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски (кој е и косценарист). ПРЕВРТЕНО е приказна за Јан Лудвик, млад човек кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество – генерација родена во социјализмот, но живее и е сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, додека вистинските анархисти дејствуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, Јан можеби знае што не сака, но не знае што сака – момент што го става во позиција на „изгубен лик од нашата околина“…

Превртено е урбана приказна, раскажана преку колоквијален говор, за животот на младите луѓе во Скопје, на почетокот на деведесеттите години на XX век, во периодот на почетокот на транзицијата, во која се вклучени повеќе елементи што се симбол на поп-културата: рок музика, стрипови, употреба на лесни дроги, итн. Приказната, со интересно имплементирани фантастични елементи, е раскажана преку гледната точка на главниот лик Јан, во еден вид на реминисценција – сеќавање на неговото минато, додека тој патува дома со воз, а всушност – тоа духот на Јан, одосно неговата душа, која го придружува неговото мртво тело на патот кон дома – се сеќава на својот живот: средношколецот Јан, кој живее со татко си, нема некои конкретни, цврсти, помали или поголеми амбиции во животот; Павел, неговиот другар, е нешто повеќе заинтересиран да успее во животот, а Луција, нивната соученичка, е мистериозна девојка со која Јан се обидува да оствари врска. Тоталитарното влијание на политиката врз животот на младите луѓе е претставено преку инсистирањето за зачленување во владејачката Партија на националниот дух, што Јан го одбива, додека Павел и Луција се зачленуваат. Заради одбивањето да се вклопи во доминантната матрица, Јан е санкциониран од „невидливите“ општествени темни сили, прво со ќотек, а потоа и со обид да биде обвинет за убиство, по што тој ја напушта земјата и заминува со циркусот што престојува во неговиот град…

Главните улоги ги толкуваат Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Кајевски, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Марија Кондовска, Елена Серафимовиќ, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски и Инес Бојаниќ, а во споредните ролји се Силвија Јовановска-Стојановска, Петар Мирчевски, Лабина Митевска, Камка Тоциновски, итн…

Директор на фотографија е Томи Салковски; монтажер е Игор Андреевски; сценографијата е на Иван Бартлинг и Игор Тошевски, костимите на Бланка Будак, а музиката е на Зоран Спасовски.

Филмот е продуциран со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за култура на Република Хрватска, Министерството за култура на Република Србија, The Global Film Initiative и Македонската радиотелевизија. Продуценти се „Сектор филм“ – Скопје, Mainframe Production и Cinears.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“