Утрински Весник
Македонија

Во Кавадарци почна собирање потписи против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума

20240807100255 Big 730x400 75.webp.webp

Во Кавадарци денеска започна собирање потписи против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума. 

– Всушност, собирањето на потписи е против нова Г-1 индустрија во општина Кавадарци. Потписите се собираат на градскиот плоштад во Кавадарци, рекоа незадоволните кавадарчани, кои на вчерашната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина, во голем број, порачаа дека не сакаат регионален центар за собирање  и третман на отпадна гума. Тие, како што истакнаа,  се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот. 

Јавната расправа беше за животна средина во врска со Г-1 зона. 

– Инвеститорот ДССУООТУ “ЕКОВАТИВ ОИЛ” ДООЕЛ од Скопје ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, информираа претставници на Министерството, кои соопштија дека Општина Кавадарци дала позитивно мислење. 

Претставниците што учествувале во изработката на студијата, рекоа дека со ова се решава голем проблем со отпадна гума во државата, станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија, а Кавадарци бил избран град бидејќи е во централна Македонија и со идеална местоположба. 

Советникот во Совет на Општина Кавадарци од СДСМ, Вуко Мелов, кој е и координатор на советничка листа, рече дека стравот кај населението е оправдан поради фактот што секојдневно се зголемува бројот на лицата со канцер во регионот.

– Покрај досегашната загадувачка индустрија не ни е потребен уште еден објект во Г-1 зона, нагласи Мелов. 

Нова тешко загадувачка Г-1 индустрија, на повидок закана од еколошка катастрофа во Кавадарци !?, јавно прашаа од партијата Левица од Кавадарци, пред почетокот  на јавната расправа. 

Оттаму рекоа дека како партија, секогаш во прв план го ставаат доброто на народот, наспроти, како што соопштија,  капиталот и богатењето на поединци на сметка на здравјето на граѓаните. 

– Планирано е годишно да се обработуваат повеќе од 12 илјади тони отпадна гума. Парцелата се наоѓа веднаш до регионалниот пат, во кругот на индустрискиот комбинат ФЕНИ, сопственост на поранешната претседателка на Совет на Општина Кавадарци од редовите на ДПМНЕ, Горица Пеливанова Вилхелм.  Бројката со која Македонија учествува во создавањето на отпад од гума е минорна. За капацитетот што се планира да може да биде одржлив, следно ќе биде да се увезуваат отпадни гуми од други држави. Очигледно е дека по искорисутвање на достапната гума во РМ, инвеститорот ќе почне со увоз на отпадна гума од странство, прашаа од Левица. 

Истакнаа дека чистиот воздух и здравата животна средина се основно човеково право, а не луксуз. 

– Анализирајќи ја изготвената студија за оценка на влијанието на животната средина, чијшто нарачател е самата компанија, она што е евидентно е ставањето лажен акцент на огромниот потенцијал за социо-економски развој на општината, вработување на локално и население од регионот, како и намалување на економската миграција на населението, со што инвеститорот на еден утописки начин вешто се обидел да ги скрие негативните последици по здравјето на граѓаните и животната средина, реагираа од Левица. 

Притоа упатија апел до сите учесници на јавната расправа, без разлика на политичкото убедување, да го кренат својот глас против отварање на индустрија од ваков животозагрозувачки тип во општината. 

– Како што собираме пари за лекување болни, ќе собираме и за газдите на локацијата од Кавадарци што ја издаваат за овој проект, ќе им даваме ние наместо да земаат од кирија за овој проект, рече Орданче Бошковски, како претставник на порталот Реално Кавадарци, портал што објави анкета за ова и поголемиот број граѓани се изјаснуваат „против”. 

Поради големо незадоволство, јавната расправа вчера беше прекината. Претставниците на Министерството рекоа дека дополнително ќе се утврди како понатаму ќе се постапува.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!