Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Со прес-конференциите за Кочани, СДСМ политички се меша во правосудството

Vmro.webp.webp

Соопштение за јавност на ВМРО-ДПМНЕ:

СДС нека ги провери сопствените траги пред да покажува со прст – институциите како никогаш претходно темелно постапуваат по трагедијата во Кочани.


Изнесувањето на обвинувања без докази, во среде истрага што е во тек, претставува класичен пример за политичко мешање во правосудството, нешто што СДС го правеше системски цели седум години.

СДС денес прозива поименично лица од институциите, но го премолчува фактот дека токму во нивниот мандат:

1.  Дискотеката „Пулс“ работела без лиценца со години, а последните пет години инспекцискиот надзор бил минимален. Тоа се времиња кога Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат биле под нивна контрола.

2.  Во 2023 и 2024, нема ниту една пријава поднесена до општината Кочани или друг надлежен орган од службени белешки на полицијата, што покажува дека се работи за административно игнорирање на проблемот под раководство на претходната власт.

3.  Фалсификувани документи или нерегуларности, доколку постојат, се предмет на вештачења и институционални проверки. Да се сугерира исходот однапред значи да се притиска врз органите кои треба непристрасно да си ја завршат работата.

Премногу е лесно да се биде „загрижен“ откако ќе се изгуби власт. Но вистинскиот тест на политичка зрелост и морална доследност е да се постапува одговорно додека си на власт, кога имаш можност да спречиш, а не само да коментираш по настаната штета. Тој тест СДС го падна, повеќе пати и со последици што граѓаните ги плаќаа со живот.

Да потсетиме:

1. Во трагедијата со модуларната болница во Тетово, каде што загинаа 14 лица, СДС ги штитеше своите кадри. Наместо оставки и одговорност, добивме објаснување дека „пациентите не изгореле, туку се задушиле“. Постапката се влечеше, јавноста никогаш не доби јасни одговори, а клучните носители на таа политика беа унапредени.

2. Во бројни случаи на фатални сообраќајни несреќи, граѓаните беа оставени без информации, истрагите беа заташкувани, а одговорноста секогаш се префрлуваше надолу по вертикалата – кон службеници од понизок ранг.

3. Ниту еден функционер од повисок ешалон на СДС не понесе лична одговорност, ниту во услови на масовен корупциски скандал, ниту при очигледна административна небрежност со фатални последици.

Затоа, денес кога СДС повикува на одговорност, јавноста има целосно право да праша: каде бевте вие кога требаше да покажете истата таа одговорност? Зошто молчевте тогаш, а викате денес? Зошто ги штитевте вашите, а денес обвинувате?

Токму затоа, поразително е што тие кои најмалку имаат кредибилитет да зборуваат за правдата, први се на ред да се претставуваат како нејзини бранители.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да има заштита за никого – независно од партиска или институционална припадност. Јавноста ќе добие одговори врз основа на факти, не прес-конференции.

Можете да прочитате

ВЛЕН ја носи најголемата поддршка досега за младите, жените и претпријатијата

Почнува 24. издание на ОФФест, ќе настапат музичари и состави од осум земји

Сончево и топло со температура до 35 степени