ВМРО-ДПМНЕ овој викенд организира политички саем по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците кои победија на последните локални избори.
Настанот ќе трае 2 дена, а ќе се презентира сработеното во секоја општина. Слоганот под кој ќе се одвива настанот е „Саем на промените што носат иднина”.
„Ќе има над стотина учесници на саемот, покрај разговор за сработеното во општините и интеракција со градоначалниците ќе има и повеќе дискусии за актуелни теми како што е локалниот економски развој, енергетиката и локалните самоуправи, дигитализацијата и редица, редица други теми. Се очекува и посебна дискусија на меѓународни организации поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и реформските процеси“, најавуваат од опозициската партија.
Воедно, како што информираат, саемот покрај на главната бина ќе се одвива и на 6 други штандови каде локалните самоуправи ќе бидат поделени на региони во Македонија. Настанот ќе биде отворен во саботата со воведен говор на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа интерактивниот дел ќе продолжи дента во наредните 8 часа, и неделата со нови содржини.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека е задоволна од сработеното на градоначалниците кои овие резултати ги остваруваат во едни тешки услови на економска, политичка и енергетска криза.
„Промените се видливи, и е забележлив поинаков и отворен пристап во решавање на проблемите на граѓаните. Се трудиме да решиме што е можно повеќе проблеми, а промените носат иднина во која заеднички веруваме. Настанот ќе се одржи во Холидеј Ин Скопје со почеток во сабота во 11 часот“, додаваат од политичката партија.