Медиумите на Апенините пренесуваат дека здравствената состојба на поранешниот играч на Сампдорија, Јувентус и на Челси, Џанлука Вијали (58), е влошена. На Вијали во 2017 година му беше дијагностициран рак на панкреасот.
По тригодишно лекување, Вијали ја доби битката, но, за жал, ситуацијата повторно се влоши. Лекарите сега го советувале целосно да се фокусира на новите третмани и да ги прекине професионалните обврски. Мајка му Тереза ја напуштила Кремона и се упатила во Англија, каде што Вијали е со своето семејство.
Вијали имаше одлична кариера. Играше за Кремонезе, Сампдорија, Јувентус и за Челси. Со Јувентус во 1996 година ја освои Лигата на шампионите, а исто така двапати беше шампион на Италија, еднаш со Јувентус и еднаш со Сампдорија. Тој беше и најдобар стрелец на италијанската лига во 1991 година и на Купот на Италија во 1989 година кога постигна 13 гола во тоа натпреварување.
Имаше и кратка тренерска кариера. Тој го презеде Челси во 1998 година и таму остана две и пол години и го водеше лондонскиот клуб на 133 натпревари. По тоа, тој го водеше Вотфорд на 51 натпревар пред да престане да тренира во 2002 година.
Работеше како координатор во италијанската репрезентација од ноември 2019 година, а таа позиција мораше да ја напушти бидејќи му се влоши здравствената состојба.