Метео анализа на Славчо Попоски:
Под влијание на влажна и студена воздушна маса од север, за време на овој викенд во Македонија ќе имаме нови врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни утре (сабота) попладне и тоа во западните предели (локално од 15 до 20 литри воден талог на метар квадратен). На планините ќе има врнежи од снег, каде постојаната снежна покривка ќе се зголеми.
Поради понатамошното заладување на времето, во недела попладне и навечер повремен снег ќе има и на повисоките места, особено во западните и во северните предели од Македонија, со надморска височина од, па и под 1000 метри. Не се исклучува можноста во споменатите предели слабо провејување на снег да има понекаде и во пониските места (градовите).
Во недела попладне и навечер, како и во понеделник повремено ќе дува засилен ветер од северен правец (над 60 км/час).
Што се однесува до Скопскиот регион, ќе имаме слично време овој викенд, односно се очекуваат повремени врнежи од дожд, а особено во недела на околните планини, а доцна попладнето и вечерта и во повисоките предели од котлината ќе има услови за слаби врнежи од снег, кога повремено ќе дува и засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до температурите, тие за време на овој викенд ќе бележат тенцендија на пад и ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 10 степени, меѓутоа во недела навечер и ноќта кон понеделник, како и во понеделник наутро дополнително ќе опаднат и до понеделник наутро ќе се спуштаат во интервалот од -6 до 0 степени, додека на високите и на планинските места тие се очекува да се спуштат до околу, па и под -10 степени.
Значително постуден ден ќе биде понеделник 16 Декември, кога максималните дневни температури во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од -1 до 7 степени.
Апелирам доколку овој викенд се движите кон планинските превои, поради тоа што се очекуваат нови врнежи од снег, возачите да бидат крајно внимателни како управуваат со своите возила, односно да возат со намалена брзина.