Утрински Весник
Македонија

Владините возила на министрите ќе останат необележани така советува АНБ и МВР

Img 7801.jpeg

Возилата на министрите и дел од државниот врв нема да бидат обележани со новите црвено-жолти регистарски таблички, иако голем дел од службените автомобили низ државата веќе ги добиваат тие ознаки.

Заменик-генералниот секретар на Владата, Љупчо Томовски, објасни за „360 степени“ дека работна група составена од Министерството за внатрешни работи и Службата за општи и заеднички работи подготвува нов правилник за брендирање на возилата.


„Владините возила, односно оние на министрите, не се обележани поради безбедносни причини, на што укажуваа Агенцијата за национална безбедност и МВР. Јавноста ги препознава тие 45 возила и нивните регистарски броеви, но прашањето останува дали во иднина ќе бидат дел од системот или не“, рече Томовски.

Тој додаде дека се разгледува можност и возилата на одредени инспекторати да бидат изземени од мерката, со оглед на тоа дека инспекциските служби како Пазарниот инспекторат или Управата за јавни приходи мора да делуваат дискретно. „Ако нивните возила се обележат, ќе се знае однапред кога вршат контроли, што би ја намалило ефективноста“, истакна тој.

Во однос на можните злоупотреби на службените возила, Томовски порача дека тие ќе бидат спречени кај пониските ешалони во администрацијата: „Министрите не управуваат сами со автомобилите, туку имаат возачи и протоколи. Злоупотребата најчесто доаѓаше од пониските нивоа, службеници кои користеа возила за приватни потреби. Тоа сега ќе биде стопирано.“

Со новиот правилник, кој наскоро ќе биде објавен, ќе се дефинира кои службени возила задолжително ќе носат црвено-жолти таблички, а кои ќе бидат изземени од ова правило.

Можете да прочитате

Повторно пожар на депонијата кај Арачиново

Ангелов: Опасен пламен од пакуван сончоглед – депонијата кај Арачиново гори

Пет активни пожари на територијата на земјава