Утрински Весник
Македонија

Владата нуди статистичка утеха додека животот поскапува вели Битиќи

Img 9624.jpeg

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи, преку објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше Владата по најавеното поскапување на горивата, оценувајќи дека граѓаните ќе се соочат со нов ценовен удар.

„Од полноќ започнува нов ценовен удар. Утре наутро ќе се разбудиме со поскапи горива и со нов притисок врз секојдневниот живот“, напиша Битиќи.


Тој посочи дека дизелот ќе достигне цена од 85,50 денари за литар, додека бензините ќе се продаваат по 79,50 и 81,50 денари, што претставува просечно зголемување на цените на нафтените деривати од 14,27 проценти. Според него, ваквиот раст директно ќе се одрази врз транспортот, производството и врз сите трошоци кои подоцна се прелеваат во цените на производите и услугите што граѓаните секојдневно ги плаќаат.

Битиќи реагира и на владините изјави за ниска месечна инфлација, оценувајќи дека станува збор за „тесен статистички пресек“ кој не ја отсликува реалната состојба. Како што наведува, кога февруари 2026 година се споредува со истиот месец лани, трошоците на живот се повисоки за 2,9 проценти, храната и безалкохолните пијалаци за 3,9 проценти, а цените на мало за 1,6 проценти.

Тој посочува дека најрелевантната статистика е онаа што се гледа „на каса“, каде што граѓаните ги плаќаат трошоците. Според него, синдикалната минимална кошница за февруари достигнала 67.382 денари, што е за 969 денари повеќе од јануари. Само трошоците за храна и пијалоци се зголемиле од 24.211 на 25.156 денари.

Во исто време, минималната плата изнесува 24.379 денари, што значи дека за покривање на една синдикална минимална кошница се потребни околу 2,76 минимални плати. Дури и по најавеното мартовско зголемување на минималната плата на 26.046 денари, за покривање на истата кошница ќе бидат потребни околу 2,59 минимални плати.

Битиќи предупредува и на негативни економски сигнали на почетокот на 2026 година. Иако Државниот завод за статистика објавил раст на БДП од 3,8 проценти во четвртото тримесечје од 2025 година, тој посочува дека индустриското производство во јануари 2026 година паднало за 6,6 проценти на годишно ниво, преработувачката индустрија за 8 проценти, а извозот на стоки е понизок за 8,27 проценти.

„Владата нема антиинфлациона стратегија, нема сериозна политика за заштита на куповната моќ и нема сериозен одговор на ценовните шокови“, оценува Битиќи.

Според него, статистичките показатели не ја менуваат реалноста на граѓаните.

„Македонија не живее подобро затоа што статистиката е попристојна. Македонија живее потешко затоа што Владата е економски пасивна, политички самозадоволна и социјално несензитивна“, наведува Битиќи во својата објава.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова во комеморативна посета на Треблинка

Пожар во дел од магацин во близина на карбинското село Таринци

Лекарот што констатирал природна смрт кај 35-годишната жртва од Куманово повикан на распит