Оваа влада нема легитимитет за да прави уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да се случи. Ова е партискиот став што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го пренел денеска на средбата со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Од опозициската партија велат дека на средбата станало збор за актуелните политичко економски состојби во државата и реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакна и дека со последните измени на кривичниот законик кој ги направи власта со европско знаменце всушност се подготвува за опозиција и директно ги амнестира своите кадри кои во ова гледаат начин да ја одбегнат правдата. Еден од најважните приоритети на идната Влада ќе биде борбата против корупција, истакна Мицкоски.
Воедно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги истакна реалните проблеми на граѓаните како што се недостатоците во образование, немањето учебници, проблемите во економијата, високата инфлација и редица други неуспеси кои потврдуваат дека власта е далеку од споделувањето на европските вредности и цели.