
Специјалниот американски пратеник за Украина, Стив Виткоф, денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, во петокот, во воената база во Енкориџ, на Алјаска, се согласил нивните европски сојузници да ѝ понудат на Украина безбедносна гаранција слична на мандатот за колективна одбрана на НАТО, што би било дел од договорот за завршување на војната.
-Успеавме да ја добиеме следната отстапка: САД да можат да понудат заштита слична на Член 5 од Договорот за НАТО, што е една од вистинските причини зошто Украина сака да биде во НАТО, рече тој на Си-Ен-Ен.
Виткоф додаде дека тоа е првпат да слушне од Путин да се согласи на такво нешто.
Давајќи некои од првите детали од разговорите меѓу Трамп и Путин во Алјаска специјалниот пратеник рече дека тие се согласиле за „цврсти гаранции за безбедноста“ на Украина.
Тој додаде дека Русија изјавила дека ќе се обврзе со закон да не посегнува по никаква „дополнителна територија“ во Украина.
Виткоф ја бранеше одлуката на Трамп да се откаже од притисокот врз Русија да се согласи на моментален прекин на огнот, велејќи дека претседателот се свртел кон мировен договор бидејќи е постигнат толку голем напредок.
-Почнавме да гледаме одредена умереност во начинот на кој Русите размислуваат за постигнување конечен мировен договор, рече тој.