
Големи дози на витамин Ц можат значително да го намалат штетното дејство на ситните ПМ честички врз белите дробови, покажува ново истражување на Универзитетот за технологија во Сиднеј (УТС). Експериментите спроведени врз глувци и лабораториски одгледувани човечки ткива покажале дека витаминот Ц го намалува губењето на митохондриите, ги ублажува воспаленијата и го спречува оштетувањето од оксидативен стрес.
Научниците посочуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали истиот ефект се постигнува и кај луѓето. Во трудот се наведува дека земањето повисоки дози може да помогне, но исклучиво во консултација со матичен лекар, појаснува молекуларниот биолог Брајан Оливер од УТС.
– Не постои безбедно ниво на загадување кое не предизвикува воспаление на белите дробови и хронични респираторни заболувања, но со консумирање на витаминот Ц добиваме евтин, превентивен третман, додава Оливер.
Според истражувањето, ПМ честичките најчесто потекнуваат од сообраќајот, шумските пожари и песочните бури, а дури и ниски концентрации можат сериозно да го нарушат здравјето.



