Утрински Весник
Спорт

Вимблдон позади сцената – Како од Македонија да дојдете до билет за Вимблдон

Вимблдон позади сцената – Како од Македонија да дојдете до билет за Вимблдон

Од специјалниот известувач од Вимблдон

dobivaj vesti na viber

Ако после прочитаниот наслов, веднаш влеговте во „филм“ како сте на Вимблдон, гледате тенис и јадете јагоди со шлаг, пред да продолжите со читањето, најпрвин расчистете со две работи: прво, ако добивањето британска виза ви е невозможна мисија, тогаш овој текст не е наменет за вас. И, второ, веднаш заборавете дека присуството на тенискиот турнир, значи и можност дека ќе најдете начин да купите билет за машкото финале. Во моментов тој чини од 10.000 евра нагоре, но го нема во продажба. Сè помеѓу овие две крајности, е реална опција за секого на светот, па и за
било кој Македонец, желен да присуствува и гледа тениски мечеви на Вимблдон.

Но, да тргнеме со ред, додуша, обратен, а тоа е дека имате виза и билет и сте се упатиле кон Лондон. Вообичаено, тенискиот турнир се оддржува секоја година во последната седмица од јуни и првата од јули (но, не и оваа година).

Од која год страна да го нападнете Лондон, односно дали кон центарот ќе се приближувате од Хитроу, Гетвик, Лутон или Станстед, прво што ќе ви падне во очи, движејќи се од периферијата кон центарот и Пикадили, е дека и на еден ден пред почеток на турнирот, но и за сите четиринаесет дена додека трае турнирот, во Лондон нема да забележите никаков билборд, реклама или било каква најава, која ќе ви сугерира дека во градот се одржува најстариот и најпрестижен тениски турнир во светот.

Од друга страна, на сите страни ќе ве опкружуваат знамиња со бои на виножито, бидејќи периодот кога се одржува тенискиот турнир, се поклопува со т.н. Месец на гордоста. Се чини, како остатокот од светот повеќе да го почитува и е опседнат со турнирот, отколку самиот град кој е домаќин.

Инаку, Вимблдон е населба во Лондон, исто како, на пример, мојата Кисела Вода во Скопје. Дури кога ќе пристигнете во оваа населба, ќе забележите турнирски знамиња, постери, големи жолти тениски топки и убаво декорирани саксии со цвекиња во пурпурна боја, која е карактеристична боја за турнирот. Да, пурпурната, а потоа темно зелената, но не и белата. Сепак, и тука паралелно ќе ги гледате и знамињата на виножито, па оправдано ќе се прашате: зошто во остатокот на Лондон нема знамиња на Вимблдон, а во Вимблдон има знамиња со боја на виножитото.

Самиот комплекст на тениските игралишта се наоѓа во таканареченото Вимблдонско село, и сите осумнаесет терени се сконцентрирани едни покрај други, а сè заедно е заградено со висока ограда, така што влез внатре во селото е можен само со билет или пропусница. Значи, дојдовме до клучното прашање од почетокот на текстот – како да се
набави билет.

Првата можност (која е тешко спроведлива за некого кој живее во Македонија, но не и за Македонец во Лондон) е преку гласачки ливчиња. Тоа значи дека поголемиот дел од билетите ѝ се продаваат на пошироката јавност со јавно гласање што го одржува Ол Ингланд Клубот во јануари секоја година. Апликациите се испраќаат во текот на цел декември.

Успешните апликанти се избираат по случаен избор на компјутер и оној кој ќе биде избран има временски рок до кога треба да го купи доделениот билет. Проценките се дека при изборот, за секој билет има по четворица кандидати. Она што е важно да се знае е дека местата и деновите за кои ви се однесува билетот се распределуваат по случаен избор, така што вие плаќате билет, без да знаете за кој ден и кој натпревар се однесува.

Втората можност, која е пореална за тенискиот ентузијаст од Македонија, е да се купи билет за целиот комплекс на Вимблдонското село, што ви овозможува цел ден да ги гледате тениските натпреаври на сите стадиони, освен на оние за кои е потребен посебен билет, а тоа се Централниот терен, Теренот број еден, два, три и четири (иако
и за нив организаторот знае дневно да пушти по стотина билети во продажба).

Како и да е, ви остануваат на располагање повеќе од десетина игралишта на кои цел ден можете да гледате тенис, јадете јагоди со шлаг и пиете Пимс (газиран алкохолен пијалок од џин и пунч, привлечен на изглед, но грозен на вкус. Како декорација на чашата, каде обично се става лимета или портокал, на Вимблдон го служат со округло
исечено парче краставица (Среќа што е свежа, а не кисела).

Таквиот билет во првата седмица чини околу 30 фунти (да, добро прочитавте, околу 35 евра) ако го купите на
почеток на денот, а може да падне и на пет фунти(!) ако го платите при крај на денот, кога повеќето мечеви се завршени или се при крај.

Во втората седмица овие билети се уште поевтини. Звучи парадоксално, но има логика: иако втората недела се играат поквалитетни натпревари, тогаш нивниот број е многу помал од првите седум турнирски денови, кога мечевите започнуваат од 11 часот, и се играат до почеток на стемпување, околу 21 часот.

Но, тоа што се ефтини овој вид на билети, значи дека е многу потешко да се дојде до нив. Ако за гласачките ливчиња односот беше четири апликанти за еден билет, овдека проценката слободно може да биде и десетина кандидати за еден билет. За да добијат пристап до овие терени, фановите, вообичаено, треба да чекаат во ред преку ноќ.

Најупорните доаѓаат некаде околу 22 часот за изутрината да бидат меѓу првите пред касата. Чекањето за билети на Вимблдон е претворено во класично кампување, со шатори, полска опрема, вреќи за спиење и тука можете да сретнете луѓе од целиот свет.

Локалците ги сметаат за скитници, иако тие го вреднуваат таквото искуство, па, и по цена да не успеат да купат билет. Следната година повторно ќе пробаат. Некои пробуваат и по пет години и се безуспешни.

Оние среќните, кои ќе дојдат до такви целодневни билети и се наоѓаат внатре во Вимблдонското село, имаат можност да купат билети на препродажба за Централниот и Стадионот број еден. Шемата е следна: на гледач кој решил порано да го напушти мечот, неговиот билет се скенира и местото како слободно се става на препродажба до завршување на натпреварот. Цената на таквиот билет е симболична 10-15 фунти, а парите се наменети за хуманитарни цели. За Инстаграм его триповите многу поефтино, отколку што ќе потрошат во некој скопски клуб, за да снимат селфи.

Последната можност да дојдете до билет и тоа за главните терени и за блокбастер мечевите е татко ви да е ЦЕО или член на бордот на Најк, Адидас, Ролекс, Јагуар, Шлезингер, Евиан и други партенри на турнирот, па да ви го даде гратис.

Има уште една опција, многу поблиска за читателите на Макфакс и Топспорт, а тоа е лично да го познаваат авторот на овој текст. Секој мај, акредитираните странски известувачи од Вимблдон добиваат понуда од организаторот да аплицираат за билети за главните терени и доколку барањето им биде одобрено, билетите ќе можат да ги продадат на пријатели. Но, исклучиво по куповна цена. Доколку има заинтересиран, нека ми се обрати во втората половина на наредниот мај. А, до тогаш, нека бара начин како да ја преброди визната бариера.

Ненад Живановски

Можете да прочитате

Британскиот тенисер Енди Мареј ќе се врати на теренот на 18 мај во Женева

Реал Мадрид и Баерн Минхен ќе се пресметаат за вториот билет на „Вембли“

Панатинаикос му се приклучи на Реал на кошаркарскиот фајналфор