Утрински Весник
Економија

(Видео) Владата: Обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ за Пречистителната станица во Скопје

(Видео) Владата: Обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ за Пречистителната станица во Скопје

Владата на Република Северна Македонија обезбеди 70 милиони евра грант од ЕУ за финансирање на проектот за изградба на Пречистителна станица во градот Скопје. Договорот за грант, кој се обезбедува од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) го потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик-претседателката на ЕИБ Лилјана Павлова. На потпишувањето на Договорот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.

dobivaj vesti na viber

Станува збор за средства коишто се надополнување на обезбедените финансиски средства за реализација на овој проект од страна на ЕИБ во износ од 68 милиони евра и 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Вкупната финансиска конструкција за реализација на овој проект, чија имплементација е во надлежност на Градот Скопје и ЈП Водовод и канализација е 197,2 милиони евра.

Според вицепремиерот Маричиќ овој проект е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на Република Северна Македонија.

„Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живот на сите нашите граѓани“, рече Маричиќ, додавајќи дека проектот дава значаен и мерлив придонес за подобрување на урбаната средина на Град Скопје, за подобрување на квалитетот на услугите за третман на отпадни води и во исполнување на европски стандарди.

Маричиќ посочи дека со ваков тип на проекти, ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град.

Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцира дека Договорот што денеска го потпишуваме е чекор поблиску на Република Северна Македонија во остварување на ЕУ перспективата и приклучување во европското семејство.

„Република Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ и активностите на тој пат добиваат забрзана динамика. Паралелно со тоа и реформите за носење на Европа дома, на имплементација на европските стандарди во секојднeвието забрзано се одвиваат. Покрај активностите за усогласување со европското законодавство, што е дел од овој процес, активно се работи и на значајни инфраструктурни проекти коишто ќе дадат придонес во севкупниот развој и раст на економијата. Дефинираните стратешки проекти се препознаени од ЕУ за што Република Северна Македонија досега има добиено грантови средства во износ од 462 милиони евра во имплементацијата на 29 проекти, кои што имаат проценета инвестициска вредност од 2,6 милијарди евра“, рече министерот Бесими.

Министерката Шукова потенцира дека Владата со овој Договор ја затвора финансиската конструкција и овозможува отпочнување на изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје.

„По обезбедувањето на финансиите, рече таа, останува обврската на Град Скопје да го доврши процесот на експропријација и заедно со Општина Гази Баба да ја заврши урбанистичко-планската документација и потпишување на договорите за градба и надзор од страна на директорот на ЈП Водовод и канализација. Ова е предизвикувачки процес кој бара голема координација на сите инволвирани страни. Но да, ние сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Овој проект е над сите политички интереси и императив доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Евроамбасадорот Гир потеницра дека патот кон ЕУ претставува процес на трансформација, но и на подобрување на животот и на животниот стандард. „Инвестицијата на Тим Европа во Пречистителната станица Скопје е практичен пример токму за ова. Пречистителната станица ќе може безбедно да ги третира и пречистува отпадните води генерирани од страна на речиси една третина од населението во земјата. Тоа ќе придонесе и за позелена европска иднина на оваа земја“, рече евроамбасадорот Гир.

„Исклучително сме горди што можеме да обезбедиме ваков вид поддршка за Северна Македонија во време на пролонгирана криза и сериозни предизвици. Потпишувањето на овој грант е силен показател за пристапот на Тим Европа и заложбата на ЕУ во однос на вашата земја на патот кон европската и регионалната интеграција, во исто време овозможувајќи и подобар животен стандард за сите. Со спроведувањето на овој проект се очекува значително унапредување на животната средина, како и здравствени придобивки, а воедно ќе се придонесе кон заштита на животната средина и достигнување на климатските таргети“, истакна заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, надлежна за активностите во Северна Македонија.

Договорот што се потпиша денеска е надополнување на богатото портфолио на инвестиции коишто се реализирани со поддршка од ЕИБ во износ од 1,16 милијарди евра. 277 милиони евра е вредноста на инвестициите во изградба на модерна транспортна мрежа во земјава, 178 милиони евра за водоводни и канализациски системи и подобар пристап до вода за пиење, како и 64 милиони евра во енергетиката. Во моментов во јавниот сектор се финансираат од страна на ЕИБ проекти во износ од 147 милиони евра, а вредноста на инвестициски грантови од ВБИФ добиени со поддршка од ЕИБ изнесува 82,2 милиони евра. Реализација на капитални инвестиции кои Република Северна Македонија ќе ја доближат до ЕУ се меѓу клучните приоритети, а за тоа потврда е испланираната сума за инфраструктурни проекти во Буџетот во износ од 800 милиони евра.

Со потпишување на Договорот за грант од ЕУ за Пречистителната станица денеска се одбележува Светскиот ден на водите.

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст