Утрински Весник
Спорт

(Видео) Среќна „седумка“ за Севилја во Лига Европа, прв пораз во финале за Мурињо!

(Видео) Среќна „седумка“ за Севилја во Лига Европа, прв пораз во финале за Мурињо!

Севилја го потврди епитетот на „мајстор“ во Лига Европа, освојувајќи ја својата седма титула на „Пушкаш арената“ во Будимпешта, откако ја победија Рома на Жозе Мурињо со 4:1 на пенали, откако по 120 минути игра беше 1:1.

dobivaj vesti na viber

Ова е фантастичен успех на тимот на Хозе Луис Мендилибар, посбебно ако се знае дека имаа катастрофален старт на сезоната во Ла лига, но потоа имаа фантастичен пат до финалето, елиминирајќи ги фаворизираните Манчестер јунајтед и Јувентус.

За Мурињо, пак, по пет титули во европските финалиња, вклучувајќи го и минатогодишното финале во Конференциската лига, ова е прв пораз, и доаѓа во момент кога шпекулациите велат дека е пред заминување од клубот.

Рома ја имаше иницијативата на стартот на мечот, и во 35. минута, Пауло Дибала, за кого Мурињо зборуваше дека не е подготвен за цел меч, постигна прекрасен гол по уште поубавата асистенција на Џанлука Манчини за предност на италијанскиот тим. Ова предност траеше до 55. минута, кога токму Манчини израмни со автогол, сместувајќи си ја топката во сопствениот гол.

Севилја имаше иницијатива до крајот на регуларните 90 минути, по што се отиде на продолжение, одбележано со нервозна игра на двата тима и на крајот со пенал-серија.

Севилја прва почна со пенал серијата преку Окампос, кој беше прецизен, исто како и Брајан Кристанте за Рома. Ерик Ламела исто така беше прецизен, за обидот на Манчини да заврши во нозете на фантастичниот Боно за предност на шпанскиот клуб. По него, Ракитиќ беше сигурен, но Ибањез ја погоди стативата за Рома, за да ги донесе Севилја на чекор до победа. Гонзало Монтиел ја доби честа да ја осигура титулата, но негеовиот обид заврши во нозете на голманот на Рома, Руи Патрисио, по што судијата Ентони Тејлор нареди повторно изведување за прерано излегување од гол-линија, и Монтиел беше сигурен со гол за титула.

Можете да прочитате

Пандев и Омерагиќ: Започнува новата ера во македонскиот фудбал

Почна судскиот процес за изнуда на пари од Погба, меѓу обвинетите и неговиот брат

Навивачите на Баерн со порака за претседателот на ПСЖ