Колабира продажбата на цвеќиња на цветните пазари во Скопје. Ретко кој од продавачите беше расположен да зборува пред камера, а уште помалку од нив се задоволни од бројот на потрошувачи. Заедничко на сите им е тврдењето дека не ги зголемиле цените по кои ги продаваат цвеќињата иако ги набавуваат по повисоки цени.
„Оваа година многу слабо. Доста купуваат за овој ден. Цените се исти, како и минатата година“, вели продавачка на Цветниот пазар.
На друга тезга на истиот пазар имаше задоволни продавачи.
„Не цел ден работиме овде. Потрошувачката оди добро, супер. Цените се исти секогаш, не се покачуваат за празниците. Барем за нас тука, за другите не знам“, вели продавач.
Атмосфера дека е 8 Март немаше ниту на Зелениот пазар во Скопје, кој изминативе години беше преплавен од потрошувачи. И тука оние што сакаа да зборуваат пред камера се жалеа на слабата потрошувачка.
„Послабо е од минатата година. Сè е поради скапотијата. Скапо е. Што и да земеш, сè е изгор. Зголемени се цените, а ние ги продаваме по иста цена како и лани“, вели продавач.
На двете места трговците коментираа дека нема празнична атмосфера.