Собранието ги усвои измените на Законот за детската заштита и Законот за социјалната заштита, што носат дополнителни придобивки за граѓаните од ранливите групи. Со Законот за заштита на децата го уредивме правото на посебен додаток, кој го има еден од родителите на детето, старател или лице на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа му е доверено детето и живее самостојно со него до навршени 26 години. Висината на посебниот додаток за сите три подвидови корисници се зголемува 15 отсто, што е особено неопходно имајќи го предвид покачувањето на трошоците за живот, изјави на денешната прес-конференција, Санела Шкријељ.
Таа додаде дека на овој начин, во време на економска криза, ја подобруваме финансиската состојба на корисниците на правото на посебен додаток. На вчерашната седница беа изгласани и измените на Законот за социјалната заштита, со цел да се овозможи родител кој има дете со попреченост да користи траен надоместок на порана возраст. Истовремено, со измените се предвидува меѓу корисниците на лична асистенција да бидат опфатени и лица со комбинирана попреченост.
Шкријељ истакна дека со законските измени се намалува возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители што до 26-тата година се грижеле за дете со попреченост, без да биде згрижено во институција, односно намалувањето е од 62 на 60 години за жени, односно од 64 на 62 години за мажи. Во услугата за лична асистенција, која опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 6- до 65-годишна возраст, се вклучуваат и лицата со комбинирани пречки.
За разлика од деструкциите и блокадите од ВМРО-ДПМНЕ, ние како парламентарно мнозинство продолжуваме со вистинска и конкретна грижа за сите наши сограѓани, особено за најранливите категории, изјави Шкријељ.