Руски воен авион се урна врз станбена зграда во градот Јејск во Краснодарската Област, во близина на југоисточната граница со Украина, по што избувна огромен пламен.
Најмалку три лица загинаа, а најмалку 19 се хоспитализирани со повреди. Осум од нив се во тешка состојба, а меѓу хоспитализираните има уште две деца. Првично беше соопштено дека загинале две лица, а потоа соопштено е дека починало и трето лице.
Russian media report that a military plane crashed on a residential building in the city of Yeysk pic.twitter.com/cqsqLi2tpe
— ТРУХА⚡️English (@TpyxaNews) October 17, 2022
Падот на авионот го потврди и руското Министерство за одбрана.
Тие изјавија дека борбениот авион Су-34 се урнал и дека пилотот успеал да се катапултира. Падобранот може да се види и на една од фотографиите.
„Додека да достигне до височина за изведување тренинг лет од воениот аеродром на Јужниот воен округ, авионот Су-34 се урна. Авионот се урнал во близина на градот Јејск. Според извештајот на пилотите кои се катапултирале, причината за падот е палење на еден од моторите при полетување“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Додаваат дека авионот паднал во дворот на зградата и дека горивото се запалило.
Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин ги слушал извештаите на министрите и гувернерите и му наредил на шефот на регионот, на раководителите на Министерството за вонредни ситуации и на Министерството за здравство да летаат во Јејск за да им помогнат на жртвите.
Инаку, по избувнувањето на пожарот се слушнаа низа детонации кои се снимени на видеата кои се појавија.
Јејск е пристанишен град на југот на Русија со околу 90.000 жители и се наоѓа на јужниот брег на Азовското Море, спроти Мариупол.