Премиерот Димитар Ковачевски во друштво со министерот за економија Крешник Бектеши на ново пазарење во скопски маркет.
Пред камерите Ковачевски потроши 474 денари и си купи јајца, млеко, масло и брашно.
Како со минимални месечни примања ќе се издржи месецот го праша пензионерка премиерот, на што тој одговори, дека Владата досега неколкукратно направила зголемување на пензиите и најави ново зголемување на пензиите од септември.
„За мене е јасно дека трошоците за живот се зголемија поради војната во Украина, и заради тоа Владата донесе низа на антикризни мерки. Ова е време на солидарност а не време на екстра богатење“, порача Ковачевски.
Истакна дека се почитува владината одлука за замрзнување на цените во маркетите и најави дека мерката ќе остане до крајот на април со тенденција слични мерки да се однесат и за други прозводи.
Ковачевски, заедно со Бектеши и Трајковски, пред десетина дена посетија супер маркет во Капиштец, со цел да проверат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи.
Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на белиот леб и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот.