Пензионерите од протестот порачаа дека пензиите се многу ниски, што е срамно за во 21 век и побараа нивно зголемување, но и од државата да поведе сметка каде одат нивните пари преку здруженијата.
„Бараме 20.000 пензија и плус 3.000 покачување, а не линеарно. Каде се пензионерите со голема пeнзија, да бидат солидарни со оние со малите пензии што останаа без работа со стечај и земаат 9.000. Ете колешката зема 10.000 11.000 што ќе направи со тие. Само давачките кон државата се толку. Каде ни одат парите? Државата да поведе сметка, не само они да земаат пари. Судиите, адвокатите, обвинителите треба да се замислат“, рече една пензионерка.
Друг пак, истакна дека нема да се откажат, а на претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова од каде што почна протестот и порача дека не може таа да протестира работејќи во канцеларија и дека ќе ја сменат.
„Не се откажуваме. Не може да не потценуваат. Ние живееме со 12.000 пензија. Тоа е повеќе од срамно во 21 век. Нема да остапиме. Ја поздравувам претседателката на здружението, и ќе и кажам: не може таа да протестира работејќи во канцеларија. На што личи ова? Таа треба да биде на чело со нас. Ние ќе ја смениме. Не отстапуваме“, рече тој.
Пензионерите бараат минималната пензија да биде еднаква на минималната плата.