Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на настанот „На европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања, посветен на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија за 2022 година.
„Пред два дена го добивме најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите. Како и во сите досегашни извештаи, а ги имаме многу, во него се содржани реални оценки за статусот на домашниот реформски процес. Но, за разлика од порано, според мене, постојат три нови моменти поврзани со овој извештај“, истакна Пендаровски.
„Сведоци сме на многу започнати, а, недовршени реформи и уште повеќе на бројни донесени, а, селективно спроведени европски закони. Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, се во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на Обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и блокади кои реално не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и најтешкото и најболното, масовно иселување на младите“, додаде Пендаровски.
Според него, прифаќајќи го францускиот предлог, ја надминавме бугарската блокада.
„Во овој момент, не можеме да ја исклучиме можноста од евентуални идни провокации на политички субјекти со анахрони погледи, како и непринципиелни и во суштина неевропски барања што ќе задираат во нашите идентитетски одредници. Но, во Европа, треба да му биде секому јасно дека партнери за таков дијалог овде нема да најдат. Не смееме да трошиме време и енергија за да смируваме нечија нечиста совест. Сиот потенцијал треба да биде фокусиран кон реалните, а не кон реторички реформи, затоа што тоа од нас, долго, предолго го очекуваат македонските граѓани“.
Оценува дека за продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус и за уставните измени, кој ќе треба да го направиме повторно во име на европската иднина. „Меѓутоа, во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање, а, тој процес да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација“.
Пендаровски изрази убедување дека преговорите за членство ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион.
„Преговорите за членство ќе траат со години и притоа од нас ќе се бара напуштање на старите навики и практики и испорачување конкретни резултати. Во таа смисла, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор, медиумите. Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат“, појасни Пендаровски.
„Апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање. Како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во центарот на политичкиот дискурс и практика. Така ќе ги оствариме и виталните национални стратешки приоритети, а, тие се, заеднички да посведочиме на силен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите“, додаде тој.