Утрински Весник
Свет

(Видео) „Ова е доказ дека ќе ја вратиме секоја трошка територија“, Зеленски го посети островот кој е симбол на украинскиот отпор

(Видео) „Ова е доказ дека ќе ја вратиме секоја трошка територија“, Зеленски го посети островот кој е симбол на украинскиот отпор

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Змискиот остров во Црното Море, на 500-тиот ден од почетокот на руската инвазија. Зеленски изјави дека им оддаде почит на украинските херои кои ги дадоа своите животи во битката за тој остров.

dobivaj vesti na viber

„Слободниот остров на слободна Украина. Благодарни сме на сите што се бореа овде против окупаторот. Им оддадовме почит на хероите кои ги дадоа своите животи во оваа битка – една од најважните за време на војната од целосен обем. Слава на сите што се бореа за безбедност на нашето Црно Море!“, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека од тоа место на победа сака да му се заблагодари на секој украински војник за 500-дневниот отпор на руските сили и изрази уверување дека Украина ќе ја добие војната.

На видеото се гледа дека Зеленски со брод пристигнал на Змискиот остров, придружуван од шефот на неговиот кабинет Андрије Јермак.

Зеленски заедно со Јермак и украинските војници положија цвеќе на споменикот на паднатите борци, пренесе агенцијата „Униан“.

Островот на змиите е една од најважните стратешки локации во Црното Море, кој беше заземен од руските сили во февруари 2022 година, а Украина ја врати контролата врз островот на 30 јуни 2022 година.

На ова му претходеше потонувањето на рускиот крстосувач „Москва“ во април, а потоа Министерството за одбрана на Русија неговото повлекување го нарече „гест на добра волја“.

Можете да прочитате

САД: Иран ќе се соочи со значајни последици ако испорача балистички проектили на Русија

Бела куќа: САД се подготвуваат за можни напади на Блискиот Исток од страна на Иран

Зеленски потврди дека украинската војска делува на територијата на руската област Курск