Во Македонија има октроирано и заработено обвинителство и судство од страна на оваа власт, комплетно партизирано и затоа криминалците и нарко бандите се на слобода, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Ковачевски дека судството и обвинителството сами можеле да се изборат за праведност.
Мицкоски потенцираше дека тоа октроирано и партизирано судство и обвинителство може да се види и по тоа што од партиски штабови се поставуваат претседатели на Судски совет, Академија за судии и обвинители.
„Од друга страна имате коалиција која ја формираат криминалците и владата. Кога имате една таква силна коалиција на владата и криминалците, логично е дека никој од тие криминалци нема да одговара бидејќи власта преку октроираните и партизирани судии и обвинители прави притисок да не бидат обвинети и судени“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека додека има затворени чесни луѓе и патриоти судени за 27 април надвор од принципите на здравата логика, во исто време на слобода има криминалци затоа што се во коалиција со власта.
„Патриоти судени за 27 април, нешто што е надвор од принципите и здравата логика за нешто што не го сториле да седат со години во затвор, а од друга страна имате докажани криминалци, нарко банди кои се шетаат слободно само поради таа непринципиелна коалиција која ја има владата со криминалот и притисокот кој го врши на октроираните обвинители и судии. Тоа е Македонија денеска под чизмата на овој хибриден режим кој го водат ДУИ и СДСМ“, вели Мицкоски.