Вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за „Макфакс“ тврди дека Македонија не зела повеќе обврски од другите земји за да пристапи во ЕУ. Тој посочи дека патувањата во Брисел не се шетања, туку работа, која трае и до десет часа. Маричиќ во стилот на Груевски посочи дека работат како експремиерот, но смета дека тој и Владата не се како него.
„Не дека никој не нѐ сака, меѓутоа, реалноста е дека ЕУ е комплексен систем. Ни требаше многу за да дојдеме до датумот кога ги почнавме преговорите“, рече Маричиќ.
Прашан за патувањата во Брисел, каде што постојано оди со делегации, тврди дека не земаат пари за прекувремена работа.
„Не земаме прекувремени часови, никогаш не сме го правеле тоа. А сме работеле секогаш повеќе од осум часа“, а на забелешката дека и експремиерот Никола Груевски велеше дека работи 24 часа, Маричиќ додаде: „И работиме. И да знаете дека работиме, но не сме како Груевски. Тоа е интересно, дека може да се работи, но да не бидете како Груевски и да ги сервирате манџите на Груевски за ручек“.
Тој ја коментира и фотографијата на Заев, Османи, Димитров и Анѓушев од 2018 година.
„Јас можам да ви потврдам дека 2022 година е историска година за нас бидејќи првпат ги почнавме преговорите“, потенцира Маричиќ, па прашан за фотографијата од авион на Бујар Османи, Никола Димитров, Кочо Анѓушев и Зоран Заев, со која го прославуваа датумот за преговори, Маричиќ додаде: „Оваа година не беше историска, но беше важна за прескокнување на ветото од Грција“.
Прашан дали лицата на фотографијата манипулирале со јавноста, Маричиќ рече: „Не верувам дека манипулирале затоа што заклучоците од 2018 година велеа дека е отворен патот за Македонија да ги почне преговорите. Тогаш не беа почнати преговори, сега – да“.
Според Маричиќ, преговорите се почнати оти во тек е скрининг-процес.
„Претходно, не беше тоа скрининг, туку подготвителна вежба, која, за среќа, ни ја признаа. Скрининг не може да се нарече скрининг ако нема формален почеток на преговорите“, додаде тој.
Маричиќ зборува и за трката Македонија – Албанија во преговорите со ЕУ.
„Албанија го распушти целиот судски систем и од ново ги постави сите судии во рок од 3-4 години. Нам не ни беше дозволено тоа да го направиме бидејќи Албанија го правеше тоа со поддршка од ЕУ и беше блокирана со години бидејќи не можеше да избере врховен и уставен суд. Поучени од тие лекции, советот или препораката од ЕУ беше да не го правиме тоа. Ни кажаа: ‘Ако го правите тоа без наше одобрение, нема да имате поддршка до ЕУ за ветинг’“, па прашан дали тоа значи дека ЕУ има двојни стандарди, Маричиќ одговори: „Па, еве, може така да се каже. Во овој дел, базирано од научените лекции од Албанија, сметаше дека не треба тоа да се прави кај нас“.
Повеќе на темата евроинтеграции, но и како Албанија ја претрка Македонија во преговорите со ЕУ, Маричиќ одговара во интервјуто на „Макфакс“.