Марјан Стаменковски сопственик на порталот „Доказ М“, седна на обвинителна клупа. Тој од затворот во Шутка беше спроведен во Кривичниот суд каде му се суди за повеќе дела. Тој седна спроти шесте оштетени, за кои обвинителството кажа дека биле мета на Стаменковски. Меѓу нив се и новинарката Валентина Вурмо и уредничката Ирена Мулачка од „Фокус“. Судијката Марија Клетничка Марковска ја исклучи јавноста по барање на обвинителката.
„Предлагам судот да ја исклучи јавноста во овој предмет од отворањето на заседанието до завршување на главната расправа, станува збор за кривични дела против моралот. А исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците бидејќи се очекува изнесување на интимни односи, односно детали за животот на оштетените. Затоа обвинителството смета дека е потребна заштита на оштетените и сведоците кои се во поголем број, а истите преку интернет порталот биле подложни на говор на омраза“, кажа обвинителката, Зорица Павловиќ.
Судијката Марија Клетничка Марковска реши одлучи да ја исклучи јавноста.
„Се прифаќа предлогот на јавниот обвинител да се исклучи јавноста во текот на целата главна расправа, заради заштита на приватниот живот на оштетените“, кажа судијката.
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.
„Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснија од Обвинителството.
Обвинителството бараше продолжување на притворот е побарано за да се заштитат жртвите.
„Со оглед на тоа што сѐ уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде Обвинителството.