Додека оди по маркети и замрзнува цени на јајца и зеленчук, кои никако да замрзнат, семејството Ковачевски го зголемува своето богатство преку влез во доходовни бизниси, истакна на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
За да се стекне со голем и вреден имот, сопругата на Ковачевски, вели Лефков, влегува во односи со Владата, со која управува нејзиниот сопруг Димитар Ковачевски.
Со оваа одлука, како што појаснува, се отуѓува градежно земјиште сопственост на Република Македонија на друштвото за производство и продажба СОЛ ГРУП 5 ДОО Скопје.
„Со овие зборови почнува Одлуката со која Владата и продава 1.119м2 државно земјиште на фирмата на сопругата на Ковачевски. Оваа Одлука е објавена во Службен весник од 21 март оваа година, а донесена 7 дена претходно односно на 14 март, на седница на Влада. Еве ја Одлуката на Владата, а еве го и потписот на Артан Груби, кој се јавува како потписник во име на Владата“, додава Лефков.
Според него одлуката на Влада со која сопругата на Ковачевски добива државно земјиште додека Ковачевски е премиер е доказ колку власта е забегана и дека не ја интересира ништо освен сопствениот интерес и интересот на нивните семејства кои шират бизнис додека тие се на власт. Ова е доказ, како што оценува, дека власта на СДС и ДУИ мора да си замине, зошто државата, како што подвлече, не смее да биде алатка за богатење на неколку семејства во врвот на власта. Потребни се промени.