Пратеникот Миле Лефков и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Макфакс“ прашан дали има шанси за поблиска соработка со Павле Трајанов, Алтернатива, БЕСА и другите помали партии, посочи дека нема време за нови коалиции. Тој побара обединување само околу едно прашање.
„Нема време за нови коалиции, нема време за такви пазарења. Дојдено е време за избори. Тоа е нашата теза. Сите знаеме како функционираат коалициите. Практично тие сега ќе влезат во подготовки за нови избори. Повторно ќе имаме бран на партиски вработувања. Јавна тајна е како тие функционираат. Тоа и бројките го покажуваат. 30-40 илјади е зголемен бројот на јавната администрација, тоа е начинот на кој СДСМ и ДУИ влијаат врз своето членство и да ја придобијат лојалноста“, посочува Лефков.
Според него, малите партии, кои гледаат дека е крај на Владата, треба да се обединат за едно прашање – тоа е кои измени во Изборниот законик се потребни.
„Поддржуваме една изборна единица. Изборниот законик треба да ја преслика волјата на народот“, додаде тој.
Повеќе детали во интервју на Лефков за „Макфакс“.