Гардист на британскиот крал Чарлс се сврте со мечот кон туристика и ѝ се развика на сиот глас во лице додека таа се обидуваше да се фотографира со него.
Повеќе од 27 милиони луѓе го гледаа видеото од експлозивната реакција на војникот пред Бакингемската палата.
На снимката, објавена на Тик-ток каналот thekingsguardsofficial, се гледа жена како се потпира за да се фотографира со чуварот, кој е облечен во оклоп.
Потоа тој удира со стапалото и се врти кон неа, држејќи голем меч и викајќи „Не допирајте ја стражата на кралот!“, пренесе „Дејли мејл“.
Реакцијата предизвика дебата меѓу корисниците на социјалните мрежи за тоа дали викањето е оправдано.
Еден напишал: „Тој не е ревијална атракција, тој е таму за да го чува кралот. Има работа“.
Кралската гарда е името дадено на групата војници одговорни за чување на Бакингемската палата и палатата Сент Џејмс.
Традиционално, стражарите стојат мирни додека се на должност што трае два часа, пред да имаат четиричасовна пауза.
На секои 10 минути, тие маршираат 15 чекори.
Мора да работат без оглед на временските услови и мора да следат строги правила како што се забрана за смеење, што може да резултира со казна од 200 фунти.
На стажарите обично не им е дозволено да разговараат со пошироката јавност, но во одредени околности, како на пример кога луѓето ги попречуваат во работата, тие можат да извикуваат предупредување.
Но, еден помалку импресиониран набљудувач одговорил: „Тој е толку неучтив и драматичен“.
Друг следбеник вели: „Колку пати треба да им се каже на луѓето да останат настрана? Не ги третирајте како фотореквизити и не ги допирајте нивните коњи“.
„Зошто мора така да вика. Опушти се момче“, гласи уште еден од коментарите на социјалните мрежи, пренесе „Дејли мејл“.
Не е првпат јавноста да биде шокирана од реакцијата на кралски гардист.
Во февруари се појави снимка од стражар фрустриран од турист кој двапати се обидел да ги зграпчи уздите на неговиот коњ.
Жената облечена морнарско здолниште и црни чизми се обидела да се фотографира, држејќи се за уздите на коњот.
Ова предизвикува лут одговор од војникот кој вресна: „Тргни се од уздите!“, запрепастувајќи ја младата жена.