Со поедноставените процедури за фотоволтаични централи ги стимулираме инвестициите во обновливи извори на енергија, изјави претседателот на Владата Димитар Ковачевски во Делчево при посета на компанија од областа на дрвопреработувачката дејност, која постојано инвестира во нови технологии во производството, а последната инвестиција е во фотоволтаична централа за електрична енергија.
„Грижата за развојот на домашните компании и нашата определба за домашно производство на електрична енергија даваат резултати. Пример за тоа е компанијата Алпин ком каде што сум денес. Мотивација е да се слушне дека една домашна компанија, основана во 2004-тата година, со дејност во дрвопреработувачката индустрија, прераснува, прво во една од најголемите фирми во регионот во оваа област во која во моментов работат 240 лица, со плата над просечната. Но уште поголема мотивација е да се чуе за нивната нова инвестиција, фотоволтаична централа, на површина од 35 декари, со моќност од 1,8 мегавати, за продажба на електрична енергија“, рече Ковачевски.
Додаде дека компанијата успева да опстои на пазарот, дури и да се развива, во услови на пандемија, а потоа и на економската и енергетската криза предизвикани од светските случувања, со инвестициите во нови технологии на производство, за што во голем дел помогнале антикризните мерки од Владата.
„Овие мерки кои Владата ги донесе во време на ковид кризата, а кои беа во вкупна вредност од 1.2 милијарди евра, се само еден од пакетите мерки кои ги обезбедивме за граѓаните во изминативе кризни години. Само во 2022 година пакетот мерки за поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза достигнаа над 760 милиони евра, пакет кој според Светската банка е најголемиот пакет за поддршка во регионот кој е обезбеден за граѓаните за поддршка за справување со енергетската криза“, рече Ковачевски.
Покрај субвенционирањето на струјата со 80 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, зголемувањето на минималната и просечната плата и пензиите грижата за најранливите категории граѓани и пензионерите со државна помош меѓу 3.000 и 6.000 денари, од вчера обезбедуваме и поевтина струја за компаниите коишто произведуваат основни прехранбени производи за истите да бидат поевтини за граѓаните во оваа тешка зима.
Вчерашните мерки кои ги донесовме на владината седница, вели Ковачевски, ќе овозможат стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи и ќе обезбедат непречено функционирање на виталните институции.
„Донесовме одлуки со кои обезбедуваме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Со оваа одлука цените на основните прехранбени производи, лебот, брашното, млекото и млечните производи, маслото за јадење, месото и живината, пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија ќе се стабилизираат. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10 отсто“, додаде премиерот.