Утрински Весник
Македонија

(Видео) Ковачевски: Реформски ја унапредуваме јавната администрација, за подобри услуги за граѓаните и компаниите

(Видео) Ковачевски: Реформски ја унапредуваме јавната администрација, за подобри услуги за граѓаните и компаниите

Реформата на јавната администрација претставува еден од клучните приоритети и е важен предуслов во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. Таа е опфатена во првиот Кластер, “Основи”, кој е пак е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина. Токму затоа, ние како земја која ги отпочна преговорите со Европската Унија, на овие реформски процеси гледаме како на клучни за развојот и динамиката на процесот на пристапување, порача премиерот Димитар Ковачевски на Министерската конференција на Западен Балкан за реформи во јавната администрација, која во Скопје ја организираа СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).

dobivaj vesti na viber

„ Северна Македонија постави добри основи и остварува напредок во овој сегмент, што е и нотирано во Извештајот на Европската комисија, Извештајот од спроведениот мониторинг од страна на СИГМА, како и Заклучоците на Специјалната група за Реформите на јавната администрација, за 2021 година.

Овие документи покрај тоа што даваат реална и објективна слика на постигнатиот напредок, детектираат и области кои бараат дополнителни реформи со цел да се усогласиме со стандардите на Европската Унија. Со динамично темпо се справуваме со предизвиците што се пред нас, не само во насока на официјалното започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија, туку и во континуираната заложба да обезбедиме модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и компаниите.

Дигитализацијата сама по себе не е исклучиво техничко-технолошки, туку е и општествен процес и препознавајќи ја значајноста на истата, ние како Влада ја продолжуваме силната политичка посветеност на процесот на реформите на јавната администрација.

Иако поради пандемијата бевме соочени со големи предизвици врзани со спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, сепак, процесот на реформа не запре. Тоа ни дава мотив да останеме посветени на реформскиот процес но и на унапредување на сегментите кои ќе овозможат поефикасна администрација која ќе одговара на потребите на граѓаните.

Во оваа насока, Министерството за информатичко општество и администрација подготвува нов осумгодишен стратешки документ за реформа на јавната администрација, а Советот за реформа на јавната администрација, продолжува да работи со континуирана политичка посветеност за остварување на заложбата за ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација“ изјави Ковачевски.

Можете да прочитате

Судовите се неажурни – причината многу неработни денови и малку судии

Камбовски: Разрешениот судија Енвер Беџети има право на жалба

Дали Македонија е пред државен банкрот, прашува Кузеска