Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во рамките на официјалната посета на Република Словенија, денеска се сретна со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц-Мусар.
На средбата заеднички е констатирано дека во изминатите 31 година од воспоставувањето на дипломатските односи во 1992 година Северна Македонија и Словенија создадоа стабилна основа за цврсто и напредно партнерство, кое ќе продолжи во насока на зајакнување на соработката токму во насока на натамошно интензивирање на севкупната соработка меѓу двете држави.
Притоа изразена е силна поддршка за интензивирање на динамиката на евроинтеграцискиот процес.
„Политиката на проширување на ЕУ најдиректно придонесува за одржување на мирот и стабилноста во регионот, унапредувањето на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и слободи и за зајакнување на конкурентноста на економиите на државите. Во таа насока изразувам благодарност до Република Словенија што е силен и отворен поддржувач за пристапниот пат на Северна Македонија, како и на перспективите за членство во Европската Унија на целиот Западен Балкан“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи и дека нашата држава е целосно поставена на линија на надворешната политика на ЕУ и дека практикува европски вредности, со што покажа дека го заслужува своето место во Унијата.
Партнерството меѓу двете држави ќе биде потврдено и засилено и за време на претстојната посета на словенечката претседателка Пирц-Мусар на Република Северна Македонија.