Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на работната посета во Софија, Бугарија се сретна со премиерот на Бугарија, Галаб Донев. По средбата на тема справување со предизвиците на светската енергетска криза одржаа заедничка прес-конференција.
„ Тука сме денес заедно со соседна Република Бугарија да се обидеме да најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година под услови кои што ќе бидат оптимални за стопанството. Ние ги кажавме деталите за она што го имаме како потреба која доаѓа и од Стопанската комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората беше денес тука и нормално разговаравме за подетални аспекти.
Прво, се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од Министерот за економија на нашата држава, Министерот за енергетика на Република Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените кои ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Република Бугарија согласно директивите на Европската Унија и нормално согласно легислативата на Република Северна Македонија.
Исто така, разговаравме и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Република Бугарија е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитети кои ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарна централа. Исто така, разговаравме и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој го имаме со Република Бугарија како и за можностите и нормално што ќе биде исто така дел од работата на работната група за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија“ рече македонскиот премиер.
Ковачевски истакна дека се надева работната група да почне да работи веднаш после празникот во Бугарија, а пред нашиот државен празник, во среда, дека во наредните помалку од две недели ќе има решение кое, како што кажа, ќе може да биде на двостран интерес и на двете земји.