Со песната „Welcome to Albania“ (Добредојде во Албанија), градоначалникот на Тетово Билал Касами му посака добредојде на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово. Ова може да се види од спотот кој вчера го објавил на неговиот официјален профил. Додека се прикажуваат кадри од Тетово, пристигнувањето на Курти, веењето албански знамиња, шетањето на Касами, во позадина тече песната стара осум години од тетовскиот бенд „Елита 5“.
Спотот беше објавен скоро четири часа откако „Макфакс“ прв ја објави веста дека знаме со т.н. „голема Албанија“ беше веено во Тетово за време на посетата на Курти, а за што прашања испративме и до Касами. Тој не се извини, ниту даде одговори, туку го сподели видеото.
„Макфакс“ испрати и нови прашања до Касами за тоа зошто со песна „Добредојде во Албанија“ му посакува добредојде на Курти во Тетово, како и дали ќе се извини за овој чин бидејќи од јавноста е сфатен како навреда. Тој како и претходно, не одговори на прашањата. Побаравме став и дали чувствува одговорност. Градоначалникот молчи.
На настанот не беше интонирана државната химна, ниту имаше македонско знаме. За ова, премиерот Димитар Ковачевски, како и претседателот Пендаровски, кажаа дека е кршење на законите и протоколите.