Шпионскиот трилер „Срце од камен“ (Heart of Stone) во режија на Том Харпер набргу доаѓа на стриминг-платформата „Нетфликс“.
Сценариото е на Грег Рука и Алисон Шредер.
Главните улоги ги толкуваат Гал Гадот, Џејми Дорнан и Алија Бат.
Трејлерот за филмот беше објавен на официјалниот канал на „Јутјуб“ минатата недела. Веќе има пет милиони прегледи, а фановите се воодушевени: „Едвај чекам да го гледам“, „Гал Гадот секогаш растура“, се само дел од коментарите под тизерот.
Гал Гадот ја глуми агентката Рејчел Стоун, разузнавачка. Таа не е само просечен оперативец, туку и член на мистериозна група елитни шпиони наречена „Повелба“. Во трејлерот се опишани како „највешти агенти – без политичка припадност, без националност – кои работат заедно за да го одржат мирот во турбулентен свет“.
За да ги постигнат своите возвишени цели, овие агенти се потпираат на единственото богатство наречено Срце. „Ако го поседувате Срцето, вие го поседувате светот“, објаснува Паркер (Џејми Дорнан). Но, Кеја Даван (Алија Бат) тргнува во потрага да го пронајде и контролира Срцето и со тоа ја загрозува глобалната стабилност.
https://www.youtube.com/watch?v=2OeibMuWNH0
Heart of Stone пристигнува на „Нетфликс“ на 11 август, а покрај наведените ѕвезди, во филмот глумат и Софи Оконедо, Матијас Швегефер, Џинг Луси и Пол Реди.