Жителите на кратовското село Страцин се заканија дека ќе го блокираат патот кон Бугарија преку Крива Паланка оти државата им го пресече локалниот пат што нивното село го поврзува со Ранковце. Јавното претпријатие за државни патишта го пресекло локалниот пат како дел од градежните активности за изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.
Жителите бараат да се најде алтернатива на локалниот пат со која ќе бидат поврзани сите куќи од селото за да може непречено да си ги завршуваат вообичаените обврски.
„Ни го пресекоа патот и сега овците, за да ги префрлам од едната на другата страна, морам да ги пуштам преку патот што води за Бугарија. Имам 200 овци и секој ден по двапати треба да го поминуваат патот. Исто и за тракторите. Ни стојат во селото, а за да ги однесеме на нивите, мора да поминеме по истиот автопат. Досега си го користевме локалниот пат и за Ранковце, ама дојдоа, ставија знаци и нè отсекоа“, се жалат жителите.
Тие денес се собраа на местото на кое е пресечен патот и на градоначалниците на Кратово и на Ранковце, Тодорче Николовски и Борче Спасовски, им покажаа дека немаат друг начин, освен со стоката и тракторите да минуваат по патот за Бугарија. Добија ветувања дека ќе се бара ново решение во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Од Јавното претпријатие потврдија дека локалниот пат е пресечен, но дале налог веднаш да се овозможи сообраќај по него.
„ЈПДП до денеска нема добиено претставка од месното население за овој проблем, но и дека надзорот над работите веќе остварил средба со градоначалникот на Кратово и со претставник на месното население, при што известиле за настанатиот проблем. Во моментот изведувачот со двата крака на клучка ‘Чатал’ го има пресечено стариот пат по кој се одвивал запрежниот сообраќај. На изведувачот му е даден налог веднаш да овозможи сообраќај по стариот – некатегоризиран пат и да изготви девијација на местата на кои има направено прекин. Исто така, надзорот и изведувачот веќе се на терен на предметната локација, со цел да добијат поцелосна слика за моментната состојба и да организираат побрзо оспособување на патот, како и да се изврши процена на самото место за можност трајно решение на проблемот“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“.
Изведувач на патот е австриската компанија „Страбаг“, а надзор е „Диви Македонија“ заедно со „Евроконсалтинг“.