Повеќе нема да може да ги кријат производите, најави министерот за економија, Крешник Бектеши, за трговците со овошје и зеленчук. Ова доаѓа откога изминативе денови, пиперки и домати, а во некои маркети и краставици и грав – не можеа да се најдат на рафтовите. Бектеши рече дека и Пазарната инспекција утврдила таква состојба и рече: „Никој не може да ги крие производите. Денес сите производи ќе бидат ставени во продажба“.
Се истражува и како фактурите за увоз биле помали до 28 март, а сега има скок од 30 проценти. Проверките се во насока дали увозниците со лажни фактури се обиделе да избегнат плаќање давачки кон државата. Побарани се одговори од институциите во Грција и Турција – земји што важат за главни трговски партнери на Македонија, од каде што се увезува овошје и зеленчук. Ако се утврди лажирање, Бектеши побара одговорност и од институциите.
„Ако во случај ги добиеме навремено сите одговори од Турција и Грција, ќе излеземе со проекции колку можеби е оштетен буџетот на државата. Можам да гарантирам дека оваа работа ќе оди до крај. И такво е задолжението за сите институции вклучувајќи ја и Царинската управа. Ова не значат контроли само на увозниците или трговците на мало, туку и како се внесени тие во нашата држава, вклучувајќи и институции што ги прават проверките, а зошто да не и вработени“, рече Бектеши.
Министерот им порача на трговците: „Ова ќе оди до крај сè до моментот кога ќе се утврди како тоа е направено и да не се дозволи повторно“.
Свесен е дека се криеле производи исто како со замрзнувањето на цената на лебот – тој не се произведуваше во фурните.
„Поради тоа што се случува истото што се случуваше и со производителите на леб, веќе има нова одлука од крајот на претходната недела, која од денеска се применува. Одлука во делот на задолжението за сите трговци за 70 отсто од нивните производи мора да ги пласираат на пазарот, што значи дека од утре нема да има таква ситуација бидејќи ќе има преземање на нивната стока ако ја чуваат како резерва и ќе добијат соодветни казни“, рече Бектеши.