Мачорот во чизми на Антонио Бандерас ги натера гледачите да молат за милост, но неговиот лик во „Индијана Џонс и бројчаник на судбината“ не е само со остри заби и канџи.
Во интервју за „Инсајд тотал филм“, Бандерас открива дека неговиот лик игра многу мала улога и е пријател на славниот Индијана Џонс кого го глуми Харисон Форд, еден и единствен, како што го нарече.
Бандерас говореше и за своето искуство со работа со Форд, негова икона уште од детството, и за возбудата што еден ден ќе го сподели филмот со своите внуци.
„Беше прекрасно само да бидеш блиску до него. Некои денешни интервјуери ми велат: О, боже, имав седум години кога излезе ‘Шрек 2’, а сега имам 27 години и ве интервјуирам и од тогаш ги гледам вашите филмови“.
„Истата работа ми се случи со Харисон. Се сеќавам на првиот пат кога го гледав ‘Индијана Џонс’ и откачив“, рече актерот. „Самото тоа што сум таму. Самото тоа што моето име е поврзано со Индијана Џонс е нешто големо. Ако мојата ќерка некогаш добие бебе, можам да ѝ кажам: еј, дедо направи филм со Индијана Џонс“.
Во режија на Џејмс Менголд, петтото продолжение со оригинален наслов Indiana Jones and the Dial of Destiny прикажува како Форд се враќа во својата легендарна улога на археолог авантурист и се бори со своите стари непријатели, нацистите.
Филмот треба да пристигне во кината на 30 јуни 2023 година и, најверојатно, е големото збогување на Харисон Форд со познатиот авантурист археолог имајќи предвид дека актерот веќе наполни 80 години.