Гордана Јанкулоска ја извојува битката, по која, сега сите затворенички ќе бидат третирани како и затворениците од машки пол. Правилникот по низа ветувања, како од претходниот, така и од актуелниот министер за правда, се на уште еден чекор до промена. Со него, сите права кои ги имаат мажите, ќе ги имаат и жените. Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ посочи дека Правилникот ќе биде потпишан.
„Изминатиов период министерот и јас како заменик ја разгледувавме можноста која со претходниот правилник за регулирање во КПУ Идризово беше направена неправда кон осудените лица од женски пол. По мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација каде ни се укажа дека се прави индиректна дискриминација на осудените лица од женски пол во женското одделение, наспроти осудените од машки пол – со министерот најдовме решение. Во најскор можен рок, министерот, откако текстот ќе биде подготвен од Секретаријатот за законодавство, Правилникот ќе биде потпишан и согласно со него, осудените лица од женски пол ќе можат да ги користат погодностите кои се за осудените лица машки пол“, рече таа.
Појасни во што се состојат промените.
„Доколку осудено лице од женски пол, кое е осудено на казна затвор до три години или издржало казна затвор од три години, ќе може да ги користат погодностите согласно Правилникот и куќниот ред од КПУ Идризово“, додаде заменик-министерката.
„Макфакс“ за дискриминаторскиот Правилник пишуваше со месеци. Пред еден месец, министерот за правда Кренар Лога вети негова промена. Во интервју за „Макфакс“, директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски, зборуваше и за други проблеми кои ги има затворот.
Пред Лога, дискриминацијата во затворот по основ на пол требаше да ја реши неговиот претходник Никола Тупанчески кој го отпочна процесот со формирање на работна група – но исход немаше. И разрешениот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски кажа дека тоа е важен процес и дека Правилникот кој ги ограничува правата на затвореничките ќе биде променет, за што даде рок до февруари. Ова не беше испочитувано од министрите за правда, кои се задолжени за носење на правилникот.
Претходно, Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол. Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење на дел од погодностите на осудените лица, пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкции, е наведено меѓу другото во извештајот од Комисијата. Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.
Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат, Влатко Илиевски, очекуваат државата веднаш да го промени правилникот за „Идризово“ за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата што ѝ следуваат.