Младите во Македонија за жал енормно ја напуштаат нашата држава, додека пак оние кои што се останати тука се заборавени од власта на СДС и ДУИ, изјави Мартин Андоновски Генерален секретар на УМС на денешната трибина насловена „Социјални политики против иселување и сиромаштија“.
Андоновски рече дека Македонија е една од ретките држави ако не и единствена држава во која дури 58 проценти од младите сакаат да си заминат.
„Македонија е една од ретките држави, ако не и единствена во која што 58 проценти на анкета на младите сакаат да се отселат од Република Македонија. тоа е една поразителна бројка“, кажа тој.
Андоновски рече дека во разговор со неговите врсници причината за отселување од државата е поради немање на квалитетно образование и здравство, како и квалитетен живот за младите.
„Во разговор секогаш кога прашуваме која е причината зошто сакате да се отселите од Република Македонија, истото ова прашање да го поставевме пред 25 или 30 години ќе го добиевме одговорот поради егзистенцијални причини, но сега е од немање на квалитетен живот, поради руинирани студентски домови, немање квалитетно здравство, немаме квалитетно образование, рече тој.
Андоновски на трибината објасни дека порано во државата доаѓале странски инвестиции и се отворале нови работни места, но сега младите се иселуваат и работат во истите тие странски компании но во друга држава.
Единствено нешто што оваа влада направи е да ги наполни џебовите на поединци во владата и да ги наполни автобусите со млади луѓе кои што си заминуваат од државата, додаде тој.
Андоновски го потенцираше и предлогот на УМС до пратениците за покачување на студентскиот оброк од 120 денари на 160 денари, меѓутоа како што рече владејачкото мнозинство на СДС и ДУИ го одбиле и нагласи дека секој човек треба да даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа е партијата која се грижи за младите, а со тоа дава и поддршка за иднината на Македонија.