Расправата за случајот „Ласкарци“ продолжи без главниот вештак Зеќирија Зекири, но и со хорско одговарање на прашања од страна на останатите сведоци. Вака течеше судењето за сообраќајната несреќа каде има 16 загинати. Од Коалицијата за правично судење имаше реакција, а денеска, алармираат дека праксата продолжува.
„На денешното рочиште за главна расправа по предметот ‘Ласкарци’ продолжи лошата практика на судот да дозволи ‘тимско’ одговарање на прашања од страна на вештите лица кои го изготвиле предметното супервештачење“, велат од Коалицијата за правично судење.
Иста реакција имаше за рочиштето од пред една недела. Несоодветна примена на Законот за кривична постапка, констатираат од Коалиција „Сите за правично судење“ во предметот „Ласкарци“. Тие посочуваат дека вештите лица кои го изработија супервештачењето се дополнувале меѓусебно за време на рочиштата кога биле испитувани од странките. Па така, наместо одговор да дава сведокот кој бил повикан на пултот, во хор се одговарало на прашањата. Судот имал оправдување за ваквиот начин на испитување, но според „Сите за правично судење“, тоа е спротивно на законот.