Страшна сообраќајна несреќа во Полска по судир во кој учествувале 22 возила. Во сообраќајката четири лица загинаа, а 12 се повредени недалеку од полскиот град Гдањск, јавија локалните медиуми.
Несреќата се случила синоќа околу 23:15 часот по локално време на излезот од автопатот С7 кај селото Борково, јави полската ТВН24.
Местото каде што се случи несреќата е дел од јужната обиколница на Гдањск и таму веќе некое време има градилиште.
По инцидентот е приведен 37-годишен камионџија, кој наводно удрил во автомобилот пред него, соопшти полицијата, додавајќи дека алкотестот покажал дека мажот не бил под дејство на алкохол. Во несреќата учествувале вкупно три камиони, а се уште се утврдуваат точните околности под кои се случила.
Полицијата соопшти дека меѓу повредените има и неколку деца. Идентитетот на загинатите не е соопштен. Медиумите јавуваат дека по судирот се запалиле неколку автомобили, а некои целосно изгореле. Според ТВН24, некои смртни случаи најверојатно се последица на пожарот.