
Потребата од нов политички почеток, расчистување со старите практики и воведување суштински реформи е главната причина за формирањето на Движење за Нова Република, порача неговиот лидер Ивон Величковски во гостување во емисијата „Ноќно студио“.
Како што објави 4news.mk, Величковски оцени дека политичкиот систем во државата со децении останува заглавен поради нерешени прашања, партиски договори зад затворени врати и нетранспарентни практики кои, според него, ја кочат државата.
„Сето тоа ја врзува политиката и ја држи зачмаена… веќе триесетина години“, изјави Величковски.
Тој нагласи дека новото движење ќе се залага за длабоки институционални промени, а како една од првите мерки најави сеопфатен ветинг-процес што би опфатил повеќе сегменти од општеството, со цел утврдување на потеклото на имотот и финансиската состојба на носителите на јавни функции.
„Ќе се изненадиме колку луѓе со многу поголеми приходи има… од каде се тие пари?“, праша Величковски, алудирајќи на потребата од сериозна финансиска проверка.
Според него, паралелно со ветингот мора да се воведе и проширена конфискација, како механизам за одземање нелегално стекнат имот кој често се префрла на роднини, пријатели или блиски лица.
„Не може имотот да се крие преку роднини и блиски… па по неколку години повторно да се користи“, истакна лидерот на Нова Република.
Величковски се осврна и на меѓународните санкциски механизми, оценувајќи дека државата мора посериозно да реагира кон лица кои се на црните листи на странски партнери.
„Сите лица кои се на американските црни листи кај нас живеат слободно“, рече тој.
Како пример ја посочи Бугарија, каде што, според него, санкциите веќе предизвикале конкретни политички последици.
На крајот, Величковски порача дека без вистински реформи, расчистување со корупцијата и одговорност за злоупотребите, не може да се очекува суштинска промена во државата.

