Во манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ – Кичево, се одржа третиот великопосен Акатист кон Пресвета Богородица, а настанот со своето присуство го збогатија високопочитуваните митрополити: г. Кирил Имвроски и г. Дамаскин Дидимотиски.
– Овој настан е одраз на длабоката духовна поврзаност и почит кон Родителката на Светлоста и вечниот пример на верност и благодарност кон Бога, Мајката Божја, рече за МИА, сестра Харитина, старешинка на манастирот, кој е под закрила на Бигорскиот манастир.
Свеченоста започна со традиционален пречек кој што беше приреден за високо-почитуваните гости, кон кои голема благодарност и почит за нивното присуство, во своето обраќање изрази владиката Партениј.
Тој го истакна значењето на заедништвото во верата и благодарноста кон Пресвета Богородица за нејзината безусловна љубов и заштита.
Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, и Митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, истакнаа дека нивното присуство во манастирот Пречиста е израз на единството меѓу православните христијани.
Тие исто така зборуваа за значењето на жртвата и верноста кон Бога, како и за важноста на благодарноста и молитвата во секојдневниот христијански живот.
Настанот беше исклучителен пример на духовното единство и силата на православната вера, придружен со благодатна радост и заеднички молитви за мир.
Тој ја потврди длабоката почит кон Пресвета Богородица, како извор на надеж и вечна утеха, но и историската и духовна важност на манастирот Пречиста, како место на молитва, подвиг и заедничарење, нагласувајќи ја неговата улога во одржувањето и промовирањето на православните христијански вредности.
Во присуство на голем број верници од сите делови на државава, денеска во 16 часот ќе се одржи мала вечерна, а сеноќното молитвено бдение ќе започне во 20:30 часот, додека Света Архиерејска Литургија ќе биде отслужена одделно од бдението и ќе започне утре, во 9 часот.
– Посебна чест ни е тоа што имаме прилика на секоја жена, мајка, девојка, да и подариме картичка со икона од Пресвета Богородица, во спомен на Благовештението на Мајката Божја кој е хростијански празник на жената и мајката, вели сестра Харитина.