
На денешното судско рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, обвинетиот Велибор Манев, до најситен детал објасни како го грабнале Панче Жежовски и како Љупчо Палевски потоа го убил, објави ФОКУС.
Раскажа и како кога се вратиле во Скопје течеле подготовките за киднапирање на втората жртва, која требало да биде жена на 40-години, а не девојчето Вања Ѓорчевска.
-Вечерта Палчо не однесе до местото Оризови дупки, до место каде што имаше бетонирани соби. Мислев дека тука ќе се чува грабнатата жена. Бидејќи беше рано легнавме да прилегнеме. На 24 ноември тргнавме да ја грабнеме жената. Малку закаснивме и се вративме.
Неа ја лоцираше Палчо. По негово кажување, жената да ја бутнеме по скалите, во нискиот дел од зградата и таму да сме ја врзувале. Од еден од дуќаните од сутеренот излезе и жена па и вториот пат се одложи, рече Манев.
Тој појасни која жена требало да ја грабнат.
-Палевски кажуваше повеќе особи. Едниот го запамнтив, пензиониран директорот на градежна фирма. После тоа се одлучи за жена, ќерка на некој од фармацевските компании. И пред да се случи самото грабнување, десетина дена претходно, ја следел за да и ги види навиките, кога излегува, каде работи и наводно ја сликал со телефон. Ни ги покажуваше сликите на телефон. Изгледаше на 40-годишна жена, не личеше на дете, рече Манев.
Појасни дека третиот обид за киднапирање бил утрото на 27 ноември.
-Палчо со уште една особа го пренесоа возилото на Панче од Маџари во Радишани. Не однесе таму и не остави со ,,реното кангу”.Бевме јас, Боре и Кешишев. Се качивме во возилото и тргнавме пред зградата за грабнување. Палчо возеше пред нас, а комунициравме на мотороли, рече Манев.
Тој појасни како и кој го извел грабнувањето на девојчето. Пред да почне да раскажува, Манев побара чаша со вода. Се напи, па рече:
-Палевски ни го објасни системот и начинот како се отвара вратата и ни го објасни енетриерот на внатрешноста. Рече од внатре може полесно да се земе жената. Јас и Боре влеговме во зградата. Беше темно, немаше сијалица. Светлина доаѓаше од влезната врата. Чекавме. Одвреме навреме Палчо преку моторола ни кажуваше колку е часот и дека кога ќе дојде 7.20 часот за да излезе жената. Во 7.20 часот Боре чекаше со селојтеп лента. Кога се симнуваше особата, Боре ја грабна со едната рака, а со другата и ја залепи устата и ја повлековме кон скалите, кон потемното. Излезе од лифтот, спуштајќи се по скалите надолу. Според сликите кои ни ги даваше Палчо, особата беше идентична, колку што можевме да видиме во темното. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење. Кешишев ја донесе колата пред влезот, го отвори гепекот за да можеме да ја ставиме, рече Манев.
По ова трауматично сведочење, таткото на Вања се вознемири, почна да плаче, по што судењето се прекина за кратко.
Емоција можеше да се забележи и кај Манев, кој се сврте со грб, ја наведна главата, но без никаква реакција во текот на целото судење е првообвинетиот Палевски. Тој смирено го следи судењето, запишувајќи белешки во тетратка.
Извор: Фокус