Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов избегал од Македонија откако пред четири месеци против него беше поднесена кривична пријава за злоупотреба на над 75 000 евра. Тој бегството го пријави во телевизиско интервју вчеравечер за бугарската телевизија Нова.
„Жртва сум на политичка репресија. Сакав да го спроведам бугарскиот модел за контрола над регистрираните ревизори, но Владата не сакаше да го практикува бугарскиот модел. Без разлика што Бугарија потроши време и ресурси. Не се чувствувам виновен, но знам дека ќе ме казнат во Македонија благодарение на политичкиот дослух на мојот случај. Во обвинителството во моментов и да сакаат не можат да ми дадат помалку од 3 години“, вели Цветанов.
На прашањето на новинарот дали ќе се врати во Македонија, тој рече дека тоа што го направил е избор и нема враќање назад.
Министерството за внатрешни работи претходно поднесе кривична пријава против Цветанов за злоупотреба на службана положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра. Цветанов се товари дека вршел незаконски јавни набавки и ја ангажирал невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања.