Откако се појавија повици за негово отповикување, јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-хјун понуди оставка. Тој им се придружи на другите членови на претседателскиот штаб кои претходно денеска понудија оставки. Сепак, претседателот Јун Сук-Јол мора да ги прифати наведените оставки за тие да стапат на сила, пренесуваат светските медиуми.
Министерот Ким Јонг-Хјун и се извини на јавноста за ширење конфузија и предизвикување загриженост, се вели во соопштението на министерството. Ким вели дека ќе ја преземе целосната одговорност за вонредната состојба. Се шпекулира дека тој имал многу важно влијание врз одлуката на претседателот да воведе вонредна состојба во Јужна Кореја.
Против Јун веќе е покрената постапка за импичмент, стои во написите. Медиумите потсетуваат дека Јун прогласи вонредна состојба вчера за време на телевизиско обраќање во живо околу 20:30 часот по локално време, но се повлече откако пратениците, и покрај кордоните од полицијата и специјалните сили околу зградата на парламентот, гласаа за отфрлање на неговиот декрет.
Кабинетот на претседателот објави дека вонредната состојба е прогласена во текот на ноќта за да се „минимизира штетата врз националната економија и животите на луѓето“.