Утрински Весник
Македонија

Љутков од Крушево: Со култура и традиција го чуваме аманетот за слободна и демократска држава

1708002705 whatsapp image 2023 01 22 at 23.22.13.jpeg

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер се обрати на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, во херојскиот град кој е израз на македонскиот непокор и ризница на македонската култура и традиција.

Пред големиот аудиториум, во духот на идејата за слобода на својата држава на хероите од Илинденското востание и од Народноослободителната борба, министерот Љутков рече:

„ Денеска, во пресрет на Илинден, повторно му кажуваме на светот дека Македонија не беше и не ќе биде јалова грутка, за да ја поткршува кој најде и кој ќе стигне. Денеска, на страниците на светското паметење, со гордост запишуваме дека пред сто дваесет и една и пред точно осумдесет години, ние ги избравме и ги испративме најдобрите синови први да ги огрее сонцето на слободата“.

Тој говореше за храброста и за визионерството на војводите и на партизаните додавајќи дека тие, кои биле благословени од Свети Илија, „силно удрија по темнината за да се разбистри погледот пред вечноста и да се види до каде е Македонија“.

„Хероите од Мечкин Камен и од Слива, ни покажаа како се чува слободата, тој најскап идеал на човекот, а ние сме онаа генерација на која ѝ е оставен аманетот – со убавината на сопствената култура и традиција, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност, како скапоцен влог во мозаикот на светската цивилизација“, рече Љутков, споменувајќи ги сите културни институции што градот Крушево ги има како одек на минатото и потврда за непроценливото богатство на нашата држава.

Честитајќи го Денот на Републиката, министерот Љутков порача: „Силно верувам дека предвидената програма на манифестацијата ’Десет дена Крушевска Република‘ ќе биде нов културен светилник на Балканот, за кој долго ќе се зборува и по кој светот ќе нè препознава, како град и земја што задолжително и со восхит треба да бидат посетени“.

Свеченото отворање на манифестацијата започна традиционално со формирање поворка и доаѓање на коњицата пред столбот на Крушевската Република. Свежо цвеќе беше положено пред бистата на Веле Марков, како и на вечните почивалишта на Питу Гули и на Тоше Проески, пред споменикот на партизанските гробишта и пред Криптата на илинденските востаници.

По церемонијата на читање на Крушевскиот манифест и подигнување на бајракот на Крушевската Република, по свечените обраќања на министерот Љутков, градоначалникот Томе Христоски и пукањето со црешово топче, вечерта продолжи со настапите на „Танец“ и на „Некст тајм“.

Централните настани за празнување на 2 Август се денеска на Мечкин Камен, а манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август со програма која опфаќа содржини за сите возрасти – претстави и концерти за најмладите, изложби, поетско читање, драмска и филмска програма, концерти од сите жанрови, како и научна конференција со учесници од Институтот за национална историја.

Можете да прочитате

Томас Вајц под закани поради извештајот за Македонија

Томас Вајц под закани поради извештајот за Македонија

За 14 години, Македонија изгубила 11,4 отсто од населението, тврди Евростат